БРАТ ВАСИЛИЈ, ЧОВЕКОТ КОЈ ГИ ХРАНИ СТРУМИЧАНИ СО ДОБРИНА, ЉУБОВ И СИЛНА ВЕРА ВО БОГА – ПРЕПОЗНАТЛИВ ПО МАКЕДОНСКИОТ ШТАНД ПРЕД „ШАЛОМ“

август 24, 2021

На ваше барање, а на наше огромно задоволство. Интервју по втор пат со брат Василиј, човекот кој ги храни струмичани со добрина, љубов и силна Вера во Бога. И оваа година имавме прилика да го забележиме на струмичкото корзо пред ресторан „Шалом“ со својот препознатлив македонски штанд. Брат Василиј го почитуваат и нашите иселеници кои во голем број го посетуваат неговиот штанд. Во продолжение кратко интервју со Брат Василиј:

Струмица Денес: Како се одлучивте после забраната од две години за продавање знамиња со Кутлеш, да излезете и повторно да го красите градот со жолто-црвените бои на Кутлеш?

Брат Василиј: Најпрвин, ви се заблагодарувам што сте забележале за Македонскиот штанд дека навистина го красеше градот наш особено делот покрај паркот. Се одлучив да излезам оваа година оти си ја сакам Македонија и оваа работа ја правам со Љубов. Јас сум роден во Струмица, на Македонско тло, од мајка и татко Македонци, се родив и крстен сум како Христијанин-Македонец, учев на Македонски, завршив војска во АРМ како Македонец, зборувам Македонски и дишам како Македонец. Тоа е причината зошто бев таму пак!

Струмица Денес: Дали оваа година имаше побарувачка на македонските реквизити иако заврши Европското фудбалско првенство?

Брат Василиј: Слава на Бога, духот на Македонецот живеел, живее и ќе живее во душата до вјек и вјеков. Бев пресреќен што народот наши браќа и сестри иселеници – Македонци, дури и странски државјани а не беа малку и наши Струмичани и граѓани од околните градови кои несебично, со љубов и радост во душата купуваа Македонски знамиња, шалови, маици и секакви други македонско сувенири, но најмногу се продаваа Македонски дресови од нашиот великан Горан Пандев и дресовите на нашата Македонија!

Оваа година за разлика од пред 2 години, купуваа од сите генерации, од најмалите дечиња, дури и дресови и маички за бебиња, млади момчиња и девојчиња, средна возраст па се до повозрасни наши сограѓани. Се радував и сеуште се радувам дека во душата на луѓето љубовта кон татковината наша. се’уште е голема и покрај предавствата што ги доживуваме од било кој аспект.

ГОЛЕМО НИ Е ИМЕТО, затоа им пречиме на секого, оти неслучајно 38 пати не’ има запишано во Светата Библија!

Ние сме срцето на Балканот, само не знам зошто си противречат на самата совест оние кои не негираат како народ и држава! Македонија е била, е и ќе остане Вечна, сега, секогаш и во вечни векови!

И за крај им се заблагодарувам многу на ресторан „Шалом“ и на сите добронамерни родољубиви луѓе браќа и сестри Христови, вклучувајќи ве и вас Струмица Денес, за вашата и нивната несебична љубов Христова и Македонска што ја носите во себе! Ако даде Бог, се гледаме следното лето Господово, ако остане се разбира и не олади сосема љубовта помеѓу луѓето од пандемијата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: