Home

Perdormire
Хуманост

Влада: Да не се шири паника, во земјава не доаѓаат екстремисти од Авганистан!

Home

Внимателно, одговорно и точно информирање во врска со меѓународната хуманитарна мисија во Авганистан за која Македонија презеде иницијатива за вклучување и помагање, апелираат попладнево од Владата.

Во соопштението се потенцира дека никој нема право да ги плаши граѓаните со неточни, опасни и искривени информации како што се оние дека наводно земјава ќе ја населеле Талибанци екстремисти.

Потоа објаснуваат дека граѓаните од Авганистан ќе пристигнат со прецизно организирани авионски летови, истите се вработени или членови на семејства на вработени на локални и меѓународни демократски мисии и воопшто не се нелегални мигранти, тие нема да бидат сместени ниту во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци.

-На Македонија не и се случува никаква мигрантска криза, напротив, Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција за спасување на авганистанско мирољубиво население кое е под опасност од екстремистичките талибански структури, велат од Владата.

Во овој момент Владата има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани од локално населените од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.

Најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ), велат од Владата

Владата донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, се до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.