До Редакцијата на „Независен весник“ по објавувањето на сторијата за лажниот аранжман за Истанбул на двете македонски студентки кои уплатиле патување и сместување преку агенција, а добиле само авионска карта во еден правец пристигнало и сведоштво на пар од Струмица.
„Заедно со мојата сопруга и уште еден пар наши пријатели сакавме празничниот викенд да го поминеме во Рим. Кон крајот на август уплативме за турата која чинеше по околу 32 илјади денари за две лица без факултативните програми. Кон средината на септември ни кажаа дека турата не може да се реализира и дека парите ќе ни ги вратат. Еве, пет месеци подоцна ние уште си ги бараме парите, но не ни се вратени, ниту нам ниту на пријателите“, вели нашиот соговорник од Струмица.
Тој случајот го пријавил и во Државниот пазарен инспекторат, од каде што бил известен дека реагирале околу пријавата, но досега нема ниту казна за сопственикот на агенцијата, ниту обесштетување на корисниците на неговите услуги.