strumica denes logo

Пелетите стануваат изгор скапи – граѓаните се растрчаа да купат по стара цена!

Автор:

Датум:

јули 17, 2023

Автор:

Датум:

јули 17, 2023

Најавата за зголемување на ДДВ-то од 5 на 18 отсто почна да им предизвикува главоболки на граѓаните кои се греат на пелети преку зимата, бидејќи новата цена на овој вид огрев, според пресметките, ќе биде повисока за најмалку 100 евра во однос на ланската и прекланската грејна сезона.

Ако едно просечно македонско семејство годишно троши 3 тони пелети за греење, кои би чинеле вкупно околу 60.000 денари, отсега истото тоа семејство за истата количина огрев ќе треба да издвои околу 66.000 денари.

Причината е во скокот на данокот, а ставот на министерот за финансии Фатмир Бесими е дека мора да се натераат граѓаните да почнат да инвестираат во обновливи извори на енергија кои не ја загадуваат животната средина.

Граѓаните се бесни на ваквото образложение на министерот, бидејќи, како што потсетуваат, досега токму Владата со субвенции ги стимулираше домаќинствата да го сменат начинот на затоплување, односно да ги заменат печките на дрва и на јаглен со печки на пелети.

-Ја фрлив печката на јаглен затоа што многу го загадувала воздухот и купив печка на пелети, бидејќи Владата преку телевизија ме убедуваше дека тоа е вистинскиот избор за греење преку зимата. Дури и искористив субвенции, па доаѓаа инспектори да проверат дали ја користам печката на пелети или можеби сум се вратил на јагленот. И сега што ми вели истата таа Влада? Ми вели дека ваквиот начин на греење не е добар и дека треба да бидам стимулиран за да побарам друг извор на енергија кој воопшто не ја загадува животната средина. Си играте ли со граѓаните? – вели револтиран жител на Гази Баба.

-Истиот тој граѓанин, кој инаку е сопственик на мала семејна фирма во склоп на домот, вели дека греењето на пелети е најдоброто решение од сите преостанати што ги испробал низ годините.
Ја греам канцеларијата, а истовремено го греам и домот. И воопшто не мислам на печката, таа сама си брка работа. Мое е само да ѝ турам доволно пелети за цел ден и толку. Ниту чади, ниту смрди, ниту загадува. Јас не знам како воопшто се сетија дека данокот за купување пелети сѐ уште е 5 отсто наместо 18 отсто. Лично јас годишно трошам околу 6 тони пелети и досега плаќав околу 2.000 евра само за огрев. Според најавите, ако го зголемат данокот, тогаш сигурно ќе треба да платам 2.200 евра. За среќа имам еден пријател кој ми вети дека ќе ми чува од залихите и оваа година ќе куртулам од дополнителен трошок – вели нашиот соговорник.

Според податоците до коишто дојде Денар, во Македонија има околу 50.000 домаќинства кои пред неколку години ги послушале владините совети и набавиле печки на пелети, а дека бројката на овие домаќинства не е воопшто потценувачка говори и фактот дека во земјава има 60.000 домаќинства кои се греат на парно.