Дури и оние со прилично стабилна работа, а кои имаат потреба и желба за брза заработка на неколку илјади евра, одлучуваат да ја стават работата во мирување, односно да активираат неплатен одмор и да заминат во странство на печалба за време на летниот период.
Можеби забележавте, ама Скопје е празно и голем дел од работниците се заминати на сезонска работа.
На прво место на листата земји кои најчесто се посетувани од македонски работници е Хрватска, каде што, за разлика од останатите европски држави, многу полесно се добива работна дозвола, помалку се чека, а добро се заработува.
Според статистиката, најмногу се бараат келнери, шанкери, готвачи, работници во кујна, салатери, хотелски персонал и хигиеничари, а од агенциите за посредување при вработување во странство потврдуваат дека освен невработени, на сезонска работа во земјите од поранешна Југославија заминуваат и вработени кои земаат неплатен одмор само за да заработат нешто дополнително.
Денар разговараше со скопјанецот Горан кој летото го поминува на работа на хрватскиот остров Шолта.
-Зедов неплатен одмор од работа и заминав да работам во Хрватска. Инаку, јас сум вработен во спортска обложувалница, а поради тоа што во тој сектор секогаш недостигаат работници, затоа сум сигурен дека од септември повторно ќе ме примат назад. Сега сум на островот Шолта и работам во кујната на еден ресторан. Не ми е лошо, има и забава, а запознавам и нови пријатели. Платата е повеќе од добра за наши македонски услови и мојата одлука дефинитивно се исплатеше. Првпат заминав во странство на печалба и тоа го сторив преку посредник. Следната година планирам повторно да се вратам, но тогаш ќе се договорам директно со сопственикот на ресторанот, кој ќе гарантира за мене без да му платам за тоа – објаснува нашиот соговорник.
Според познавачите, ваквиот тренд со сезонско работење во странство е особено истакнат во угостителството, а според некои проценки, оваа година се заминати над 9.000 македонски граѓани во Хрватска.
Платите таму се движат од 800 евра па нагоре, во зависност од работното место, со платено сместување и храна.
На пример, готвачите во Хрватска земаат од 1.600 до 2.200 евра плата, нивните помошници земаат од 1.200 до 1.600 евра плата, пица-мајсторите добиваат до 2.000 евра плата, а келнерите, шанкерите и бармените земаат до 1.500 евра.