strumica denes logo

Денес се слави Светиот маченик Јулијан Тарсиски

Автор:

Датум:

јули 4, 2023

Автор:

Датум:

јули 4, 2023

Од благородно, сенаторско потекло; живееше во Тарс Киликиски, пострада во времето на Диоклецијан. Иако имаше само осумнаесет години кога беше подложен на мачење за верата, свети Јулијан беше веќе доволно воспитан и утврден во христијанското благочестие. Царскиот намесник го водеше со себе цела година од град во град, постојано мачејќи го и наговарајќи го да се одрече од Христа. Мајка му оддалеку го следеше Јулијан. А кога намесникот ја фати и ја испрати да го посоветува својот син да се откаже од Христа, таа три дена му го зборуваше на синот во затворот спротивното, влечејќи го и храбрејќи го да не паѓа со духот, туку смело и со благодарност кон Бога да појде во смрт. Тогаш мачителите го зашија Јулијан во вреќа со песок, скорпии и змии, па го фрлија во морето. Мајка му исто така умре маченички. Неговите мошти брановите ги исфрлија на брегот, а верните ги пренесоа и чесно ги погребаа во Александрија, во 290 година. Подоцна тие мошти беа пренесени во Антиохија. Дојде време кога свети Јован Златоуст одржа пофално слово за светиот маченик Јулијан: „Од усните на мачениците исходеше свет глас и заедно со гласот се излеваше светлина појасна од сончевите зраци“. И уште: „Земи кого сакаш, избезумен или демонизиран и приведи од нив кај овој свет гроб во којшто лежат маченички мошти и ќе видиш како тој (демонот) веднаш ќе отскокне и ќе побегне како од палежен жар“. Од овие зборови е јасно колку многубројни чуда мора да се случувале на гробот на свети Јулијан.