Пишува: Митко Бојаџиски, драмски писател
Да го прочитаме прво овој извадок кој некои не ни знаат дека постои.
Министерството за култура ќе поддржи проекти од областа на драмската дејност со следниве приоритети:
НОВИ драмски текстови од домашни автори.
Квалитетни дела од светската драматургија. Предност имаат праизведби на дела што не се поставени на нашите сцени досега.
Домашни и меѓународни копродукции.
Реализирање соработка со познати странски драмски автори, режисери или актери.
Мобилност на установите во функција на деметрополизација на културата – презентирање на програмите низ Република Северна Македонија.
Потенцијал за одржливост, изразен со број на репризни претстави на матичната и на други сцени.
Ангажирање домашен невработен актер или невработен театарски режисер.
Дали некој од министерството или театрите го интересираат овие приоритети? Не! Апсолутно, не! Да се разбереме, приоритетната листа е врвен критериум. Значи нема реални приоритети и критериуми. Ги има само на хартија. На пример, некои театри немаат нови драмски текстови од домашни автори со години. Тоа е првата точка, нели?!
Како може да се работи без почитување на приоритетната листа? Може, се разбира! Наши деца, „на ти-дај ми“ и останати варијации на таа тема кои честопати прават гледачот да биде деветтата дупка на кавалот. А тоа овозможува одредени фактори во театрите и центрите за култура да се однесуваат како институциите да се нивна лична своина. Како да се наследство од татко им. Знам дека има раководители во институциите кои добро ги знаат гнилите даски во театарот кои не се малку, кои сакаат да ги постават работите на здрава основа, но како може да се направи тоа без реални критериуми? Знам дека има глумци кои се срамат од одредени претстави кои мора да ги играат. Знам љубители на театарот кои не сакаат да си го губат времето на лоши и просечни претстави и не одат на театар.
Зошто да не им се овозможи на глумците да играат добри претстави, раководителите да се гордеат со својата работа, а публиката да гледа квалитетни претстави за утре пак да дојде?
Зарем има нешто потеатарски од тоа, поуметнички, попрофесионално, почовечки, на крајот на краевите? Не ги принудувајте глумците да ги лажат гледачите дека присуствувале на уметност која не ја разбрале. Да, гледачите и ќе аплаудираат од почит, но следниот пат нема да се појават.
Ќе ви дадам пример! Претставата „Кец на десетка“ чиј автор сум јас, е на репертоарот на МНТ веќе пет и пол години, засега има 65 изведби и ја имаат гледано околу 18 000 гледачи. Таа е во моментот најгледаната претстава од македонски автор. Ако грешам, исправете ме, не сакам да звучам нескромно, друга е поентата. Претставата не е проект финансиран од министерството.
Финансирана е од спонзори и 3000 евра мои пари земени како кредит. Зошто го направив тоа? За да видат луѓето од театарот дека правам квалитетни работи. Дали некој нешто виде? Не. Никого не го интересира. Само една огромна, бесценета сатисфакција добиена од љубителите на театарот. Шест години аплицирам по театрите, за жал, безуспешно. Исполнувам барем три точки од приоритетната листа: еден, четири и шест, тоа, воопшто, не е малку. Критериуми?
Министерството треба да се засрами. Финансираат претстави со по две репризи.
Дами и господа од министерството! Ако сакате, многу лесно можете да ги доведете работите во ред. Вие сте финансиери на театрите. Како такви, можете да донесете приоритети и критериуми кои ќе барате да се почитуваат и кои ќе имаат влијание на следната годишна програма. Не може сè да биде релативно.
Тој збор е одамна криминализиран. И прави, не само театарот, туку и зборот уметност да биде евтин збор. Ќе си направите правила и за вас и за нас, ако сакате, се разбира!
Ја поздравувам изјавата на МТФ „Војдан Чернодински“ кој најави враќање на македонскиот автор на фестивалот, кого, патем, оваа година го немаше ни за лек. Којзнае, можеби оваа изјава е тоа ветре кое недостасуваше за да раздвижат некои насушни процеси кои ќе направат една поздрава атмосфера и ќе го зголемат квалитетот на македонскиот театар во кој важен столб ќе биде современата домашна драма.