Имаме нова симпатична фудбалска приказна од Македонија створена со љубов и ентузијазам и една добро позната логистичка поддршка од странство. Се спремаат за првиот меѓународен натпревар.
Запознајте се со ФК Дрвош, нов македонски клуб од истоименото село во општина Босилово, кое се наоѓа на 12 км од Струмица.
Село со околу 600 жители кое доби фудбалска гордост со големии амбиции.
Се натпреваруваат во Бизнис лигата „REKREATIVO” – Струмица, каде одиграа одлична сезона и за влакно не станаа шампиони. Завршија втори со 8 победи, 3 нерешени и само еден пораз.
Целта не им е само да играат на домашно тло, туку покрај развојот на спортот, презентацијата на селото и дружењето, целат и на европските авантури.
Веќе ја имаат закажано и првата меѓународна средба во Швајцарија каде на 17 јуни на стадионот Ерленвалди ќе играат против ФК Иберико Македонија од Биен.
Не е ова рекреативен клуб, туку официјално регистриран со план да оди и на други гостувања во странство. Следните дестинации им се Италија и Германија.
Инаку претседател им е Наце Митев, еден од нашите најпознати навивачи кој живее во Германија и редовно ја бодри македонската репрезентација во повеќе спортови.
Дрвошани не можеа ниту да посакаат подобро промоција од онаа која им ја прави Наце низ Европа.
За клубот се слушна на Камп Ноу и Алијанц арена, а знамето заврши во рацете и на селекторот на Германија, Ханси Флик, како и кај фудбалерите на Хофенхајм, Ермин Бичакчиќ и Ангело Стилер.
Само напред момци. Убав проект.
ИЗВОР: OFF.NET.MK
Оригиналниот линк погледнете го овде: https://off.net.mk/offside/fudbal/prikaznata-za-fk-drvosh-koja-od-strumichko-se-rashiri-do-kamp-nou-i-alijanc-arena?fbclid=IwAR2YsYXxQWaFpdCFnysqD8-xb1lQbWgzCJ4HPyy2Z6GnPC8Zmlduw-xjLJY