Да се биде дел од образовниот процес е чест и задоволство, а да се работи со љубов, разбирање и насмевка во таа професија е вистинска доблест.
Нејзината неуморна работа и несебично залагање во СОУУД „Димитар Влахов“ се одамна препознати не само во училиштето туку и пошироко. На овогодинешната Свечена академија по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј, Општина Струмица ѝ ја додели наградата за најдобар педагог, односно за постигнување на исклучителни резултати во работата и афирмација на училиштето и професијата, а наградата е повеќе од заслужена.