Младите шахисти на ШК „Цареви Кули„ од Струмица постигнаа одлични резултати на отворениот младински шаховски фестивал „Квалитет 2023„ кој традиционално го организира ШК „Гамбит Асеко СЕЕ„ од Скопје.
Вчера, во групата до 8-годишна возраст, младиот талент Јован Вукашиновиќ го освои второто место со постигнати 6 победи од 7 одиграни партии, и се здоби со златен медал, кој беше доделен на првите седмопласирани со-врсници.
Исто така, помеѓу шахистките, надежната талентка, Ина Крумова, го делеше првото место, со 4 од 7 освоени бодови, и се закити со бронзениот медал, поради севкупниот пласман на табелата.
Другите наши играчи во оваа група, кои одиграа задоволително и ја постигнаа зададената норма од минимум две од седум победи беа, Трајче Карадакоски (22-ро место, со освоени 3,5 од 7 бодови), Јован Танчев (28-мо место, со освоени 3 од 7 бодови), Надица Велкова (31-во место, со освоени, 3 од 7 бодови), Давор Диков (37-мо место, со освоени 2,5 од 7 бодови) и Анна Динова (39-то место со освоени, 2 од 7 бодови).
Вчера и денес пак, во групата до 10-годишна возраст, струмичката надеж, Мартин Гоцев, повторно прекрасно одигра и го освои првото место со постигнати 6,5 победи од 7 одиграни партии, здобивајќи се со златниот медал и подигајќи го заслужениот златен пехар.
Другите наши играчи во оваа група, кои одиграа задоволувачки и ја постигнаа зададената норма од минимум две од седум победи беа, Мартин Велков (8-мо место, со освоени 4,5 од 7 бодови), Тодор Партенов (20-то место, со освоени 4 од 7 бодови), Кристијан Пандев (27-мо место, со освоени, 3 од 7 бодови) и Никола Митев (32-ро место, со освоени 2,5 од 7 бодови).
Овој феноменален резултат е благодарение на посветеноста на сите ментори, учители и шаховски работници кои макотрпно работат со децата од нашиот шаховски клуб, исто така на нивните родители со безрезервна поддршка и разбирање, и се разбира на упорноста и посветеноста на нашите деца да учат и напредуваат понатаму во оваа прекрасна игра.
Честитки уште еднаш до сите кои постигнаа успеси и беа дел од овој настан и благодарност до организаторот за професионално организираниот настан.