Годишен извештај 2022
Секој ден се бориме за подобро утре, помагаме каде што е најпотребно и го градиме нашиот свет.
Кога се соочуваме со нашето „денес“ како временски јазол кој ги поврзува нашето „вчера“ и нашето „утре“, најдобро е да се соочиме со неговите обележја, „прифаќајќи ги“ такви какви што се. Во времето кое го живееме, тие обележја можеби и нема да ни се допаднат, но сите ние сме дарувани со моќта која ни прилега, моќ која ни дава можност да го разбудиме човекот во човека. На тој начин, ползувајќи ги свеста, совеста, волјата, одлучноста, добрината, емпатијата, знаењето, инвентивноста и вербата во себеси, ќе успееме лошото да го престориме во добро, а доброто во подобро. Секое заобиколување на симптомите кои го демнат мигот во кој опстојуваме, секое пасивизирање на функцијата на нашите сетила кон севкупниот општествен амбиент во кој ги креираме епизодите на живеењето, не е ништо друго, туку себезатворање во непроветрена просторија. Ние одлучивме да ги подотвориме вратите и прозорците. Токму затоа и постоиме.
Испративме 20 тони прехрамбени производи – хуманитарна помош за Украинa.
„За нас не важи поговорката – Далеку од очите, далеку од срцето“.
Кога ќе речам „едно општество за сите“, тогаш мислам на ставање нов печат или додавање животворна вредност на зборот „општество“. Та нели, општеството само по себе значи збир, кохерентност, заедништво. Тоа подразбира суштинска целовитост на сите луѓе и другите нешта кои го сочинуваат. Во него е собрано сето она што егзистира под исто небо, под исто сонце и под исти системски услови за поврзување и ползување на вредностите. Следствено на таквото поимање, секоја отстапка од него значи нецеловитост, значи потреба за ставање на секое камче од мозаикот на вистинското место.
Затоа, „едно општество за сите“ не е фикција. Не е идеал во кој слепо се верува. Не е декларативна заложба без суштинска примена. Не е политички слоган само за една употреба. Не е напишана, свртена и заборавена страница. „Едно општество за сите“ е верба во осведочени вредности. Тоа е животен сон кој се сонува со отворени очи, но и живеење живот според принципите, идеалите и патоказите на тој сон. „Едно општество за сите“ е дел од мене и дел од оние со кои меѓусебно споделуваме исти соништа, погледи и вредности.
Го одбележавме 12 Август – Меѓународниот ден на младите, со донација за напредните млади математичари – Амир Дестанов и Македон Димитровски.
„Влогот во младите е една од најважните инвестиции за подобро општеството.“
Сите ние сме дел од универзумот и дел од светот во кој живееме. Тие почиваат на одредени природни и општествени спротивности, вечен дуализам на појави, своевидни противречности на состојби, принципи, идеи, концепти и навики. Таквиот „антагонизам“ го согледуваме во антонимите: добро – зло, љубов – омраза, радост – тага, мир – војна, ден – ноќ, светлина – мрак, , среќа – несреќа, здравје – болест, живот – смрт, емпатија – бесчувствителност, богатство – сиромаштија, комедија – трагедија, позиција – опозиција и уште многу други. Не треба секогаш да ставаме реска дистинкција помеѓу сите спротивности со кои се соочуваме. Ако некои од нив ги прифаќаме како производ на доминантноста на природните законитости врз кои човековото влијание е беспредметно, тогаш добрата волја треба да им биде „диригент“ на нашите стремежи кон промена на одредени случувања и состојби. Поаѓајќи од таквото уверување, го следиме говорот на срцата, за да даруваме зрак светлина кајшто завладеал мракот, да измамиме насмевка кај оние кои се тажни, да им помогнеме на болните, изнемоштените и сиромашните, да донесеме среќа кај онесреќените, да споделиме љубов со оние кои се „жртви“ на злото… Секој успешен чекор при обидот да се стори поубава слика за секојдневието, е мотивација плус за следен таков чекор.
Целосната вест може да ја погледнете со кликнување на следниот линк: https://zaevfoundation.org/godishen-izveshtaj/?lang=mk&fbclid=IwAR0rktqmLcBVGpwcMESfMJvBts733NM7pI8n0hxW2E-LeLw8xJRD52T9xVY