strumica denes logo

Укинати царинските давачки за тестенините, цените на храната ќе продолжат да се намалуваат

Автор:

Датум:

март 9, 2023

Автор:

Датум:

март 9, 2023

Инфлацијата бележи опаѓање, тренд што започна во октомври и тоа е убава новина што сите ја гледаме, а во следниот период очекуваме и намалување и цените на млекото и млечните производи, изјави вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

– Економските движења укажуваат дека има активности со кои инфлацијата паѓа и што е добра информација за сите. Во овој период и покрај сите одредени мерки за помош и на стопанството и на граѓаните, за жал тенденцијата за раст на цени продолжи и рековме дека мора да се стави крај. Интересот на граѓанинот мора да биде на прво место. Затоа донесовме одлука за замрзнување на цената на основниот прехранбен производ- лебот, рече Битиќи во гостување во емисијата „10 Минути“ на ТВ21.

Тој додаде дека на некнежната владина седница била донесена уште една одлука која дополнително ќе помогне во оваа насока.

– Ги укинавме царинските давачки за тестенини и одредени производи коишто влегуваат во палетата на основни прехранбени производи коишто сметаме дека дополнително ќе придонесе наредниот период да има намалување на цените, истакна Битиќи, додавајќи дека трендот на замрзнување на цени ќе продолжи.

Вицепремиерот очекува намалување и на цените на млекото и млечните производи, бидејќи, како што рече, за дел од производите цените се вештачки зголемени.

– Се додека гледаме неморално и неетичко однесување на пазарот од било кој субјект, ние тоа не можеме да го дозволиме и граѓанинот мора да се заштити, кажа вицепремиерот.

Во однос на денешното потпишување на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д, Битиќи истакна дека тој настан ќе остане запишано во поновата историја на земјата, бидејќи се работи за проекти што значително ќе ги променат однесувањата и навиките на градење капитални инвестиции, особено инфраструктурни.

– Јас не сум само оптимист, туку сум убеден дека тоа што денеска се потпиша и ќе се испорача во дадениот временски период, и веќе во почетокот на 2028 година ќе се возиме во сите делници кои се кажани. Тоа е целиот Коридор 8 по автопатско решение, Коридорот 10д, само за потсетување, Прилеп – Битола по модерно автопатско решение, и тоа ќе значи Скопје поврзано по целиот западен дел со модерно автопатско решение кое ќе донесе поголем економски развој, изјави Битиќи.

Тој нагласи дека за разлика од автопатските решенија кои ги одбрале поранешните власти како модели на спроведување, сегашните решенија за целиот Коридор 8 во Западна Македонија и за Коридорот 10д се со сосема нови правила.

– Ова е првпат што вака се гради едно автопатско решение, каде имате и проектирање и изведба, со тоа што сите институции што треба законски да постапуваат, ќе постапуваат во одредените временски периоди кои се зададени. Сите недостатоци во проектите кои порано можеа да се соочат, сега се на товар на изведувачот и ова е увертира во нов пристап на градење на автопати, како докажан модел не само во регионот туку и пошироко во светот, рече вицепремиерот за економски прашања.

Битиќи објасни дека епитетот историски овој договор го добива поради финансиската големина, бидејќи изнесува 10 отсто од БДП, посочувајќи дека во него стои дека најмалку 51 проценти од изведувачите мора да бидат домашни, што ќе значи најмалку 1 отсто раст на БДП.