strumica denes logo

Цената на белиот и полубелиот леб од 1 март се замрзнува на 33 денари!

Автор:

Датум:

февруари 26, 2023

Автор:

Датум:

февруари 26, 2023

Цената на лебот од среда, 1 март, се замрзнува на 33 денари. Замрзнувањето на цената следува откако министерот за економија Крешник Бектеши реагираше дека околу 70% од фирмите што користат субвенционирана струја, а се работи за околу 250 компании, не ги намалиле цените на основните продукти. Според Бектешки, токму поради оваа причина цената на лебот ќе се фиксира на 33 денари, а на листата се очекува да се најдат и други производи.

Владата во вторник треба да донесе одлука и таа да важи само за белиот и полубелиот леб. Како што посочи Бектеши тогаш ќе се знае и дали на прехранбените компании ќе им се укине поевтината струја од 1 март или од 1 април. Министерот Бектеши вели дека во иднина ќе се прават анализи секоја недела за да нема повеќе вакви ситуации.

-ОВА Е САМО ПРВИОТ ЧЕКОР, А ВО ИДНИНА ЌЕ СЛЕДУВААТ СООДВЕТНИ ОДЛУКИ И ЗА ДРУГИТЕ ПРОИЗВОДИ. НЕМА ДА ОСТАВАМ ГРАЃАНИТЕ ДА ПЛАЌААТ ПОВИСОКИ ЦЕНИ ОД ТОА ШТО Е РЕАЛНО. ЌЕ ВАЖИ СÈ ДОДЕКА МИСЛИМЕ ДЕКА ТАА МЕРКА ЌЕ БИДЕ ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ И ДОПОЛНИТЕЛНО НА ТОА ЌЕ ОСТАНЕ КАКО ОДЛУКА ОТВОРЕНА, ШТО ЗНАЧИ ДЕКА МОЖЕ ОД 33 ДЕНАРИ СЕКОЈА НЕДЕЛА ДА ОДИ НАДОЛУ, НО НАГОРЕ НЕ ВЕРУВАМ ДА ОДИ – РЕАГИРА БЕКТЕШИ.

Министерот им порача на компании кои не го почитуваат договореното дека ако не работат рентабилно, тогаш можат слободно и да ги затворат фирмите. Тој, исто така, им порача да работат во интерес на граѓаните. Потсети, дека пекарите побараа од државата субвенции и за работниците, заради недостиг на кадар, и тоа треба да се почитува.

-ПОДОБРО ДА ЗАТВОРАТ ОТКОЛКУ ШТЕТАТА ДА БИДЕ НА ГРБОТ НА ГРАЃАНИТЕ. НЕ МИ ТРЕБААТ ТАКВИ КОМПАНИИ КОИ ЌЕ ИМААТ ЦЕНИ ОД 45 ДЕНАРИ ЗА 450 ГРАМА БЕЛ ЛЕБ И ПОЛУБЕЛ ЛЕБ. СЛОБОДНО НЕКА ЗАТВОРАТ, НОВИ МЕРКИ ЗА НИВ НЕМА ДА ИМА. ДА ИМ ГИ ПЛАТИМЕ НИЕ И РАБОТНИЦИТЕ, ДА ИМ ГИ ПЛАТИМЕ И СУРОВИНИТЕ, СИТЕ ОПЕРАТИВНИ ТРОШОЦИ, А ТИЕ ДА ГО ДОБИВААТ САМО ПРОФИТОТ. И ТОА ПРОФИТ КОЈ НЕ Е ЛОГИЧЕН, НА ГРБОТ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ – ВЕЛИ БЕКТЕШИ.

За субвенционирање на електричната енергија за компаниите од прехранбениот сектор досега се одвоени околу 1,2 до 1,3 милиони евра, народни пари средства што може да се користат за други мерки, посебно за граѓаните кои имаат најголема потреба.

-ВО МОМЕНТОВ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ДИЗАЈНИРАМЕ НОВИ МЕРКИ. НАМЕСТО ДА СУБВЕНЦИОНИРАМЕ ОДРЕДЕНИ КОМПАНИИ КОИ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ ОДРЕДБИТЕ ДОГОВОРЕНОТО, ТИЕ СРЕДСТВА ВО БУЏЕТОТ КОИ СЕ ОПРЕДЕЛЕНИ ЗА АНТИКРИЗНИ МЕРКИ ДА ГИ ПРЕНАМЕНИМЕ ВО НАМАЛУВАЊЕ НА ОДРЕДЕНИ ДАВАЧКИ, БИЛО ТОА ДА Е ЦАРИНА ИЛИ ДРУГИ ДАВАЧКИ И НА ТОЈ НАЧИН ДА ВЛИЈАЕМЕ НА НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИ.

Компаниите од прехранбениот сектор не се задоволни од реакцијата на министерот и не се согласуваат со мерката за замрзнување на цените. Според нив не се во можност да се справат со трошоците, па можно е или да стават клуч на врата или рафтовите во маркетите да ги остават празни. Реагираат и пекарите и велат дека ако се укине субвенционираната струја треба да се направи селекција. Според нив, прекинот не треба да важи за сите, туку само за оние компании кои не го испочитувале договореното намалување од 7 до 13%.

Владината мерката за субвенционирана струја од 80 евра за мегават-час, за прехранбените компании, стапи на сила на 1 декември лани и требаше да важи до 30 април.