strumica denes logo

ДЕНЕС СЕ ПРАЗНУВА СВ. АТАНАС – ГОЛЕМ БОРЕЦ ЗА ВИСТИНСКО ПРАВОСЛАВИЕ

Автор:

Датум:

јануари 31, 2023

Автор:

Датум:

јануари 31, 2023

Нашиот народ денес го празнува споменот на Свети Атанасиј Велики, Танасовден –зимен, а името Атанас доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен. Свети Атанас се смета за помагач и другар на Св. Андон, можеби тоа е причината поради која двата празника се празнуваат еден по друг.

Празникот Св. Атанасиј зимен народот го смета за средзимо па се верува дека главните студови веќе се поминати. Затоа во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви кои му се паднале при поделбата на должностите меѓу светците. Сепак како предупредување дека зимата не е замината односно дека студовите можат да изненадат останала пословицата „Атанас фрли кожувот ја врз нас ја врз рас“.

Сепак се верува дека времето оди на лето, дека поминале зимата и големите студови карактеристични за јануари. Исто така се верува дека тешко е до Св. Атанас, а кога тој ќе помине „и то што му беше за умирајне – не са прададуве“ (и оној што беше за умирање нема да умре.)

Свети Атанасиј е домашен празник на многу семејства, но и на цели села, а именден празнуваат, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…

Најпознат манастир посветен на светиот Атанасиј Велики е оној во с. Лешок, Тетовско. Едно врме од крајот на 17 век, црквата била напуштена, а потоа овде живеел и Кирил Пејчиновиќ, во дворот на црквата се наоѓа и неговиот гроб, а во манастирските конаци е оригиналната надгробна плоча со текст испишан од неговата рака.

Свети Атанасиј наречен Велики е роден во Александрија во 296 година. Едно време минал во пустина заедно со Свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква. Учествувал на Првиот Вселенски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против Ариевската ерес, а со тоа си го навлекол врз себе гневот на Ариевците кои често го клеветеле кај царот. Но со својот углед и христијанскиот начин на живеење Свети Атанасиј секогаш успевал да се одбрани од овие клевети.

Само една година по Никејскиот собир бил поставен за архиепископ во Александрија и тука на архиепископскиот стол останал 46 години. Свети Атанасиј бил протеруван во прогонство, каде минал цели дваесет години. Умрел на 2 мај во 373 г.