strumica denes logo

СЕ СПАСИВМЕ ОД ПОСКАПУВАЊЕ НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ЕНЕРГИЈА? Ковачевски вели дека со одговорните политики ги заштитивме граѓаните и фирмите од поскапувања и рестрикции!

Автор:

Датум:

јануари 12, 2023

Автор:

Датум:

јануари 12, 2023

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, денеска беше во посета на РЕК Битола каде е пуштен во употреба и третиот блок на Комбинатот.

„Како што сите можеме да видиме денеска овде, РЕК Битола работи со полн капацитет. Монтажата на новиот трансформатор, што го изработи турската компанија Астор заврши успешно.

Пуштен е во употреба и третиот блок во РЕК Битола, којшто веќе испорачува електрична енергија. Ова е голем и значаен придонес во зголемувањето на домашното производство на електрична енергија“, посочи премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека, како што и вети Владата, на почетокот на енергетската криза, сите напори се насочени за да се обезбеди што поголемо производство на домашна електрична енергија, за да се заштитат граѓаните и фирмите од енормно високи цени на струјата, што ги наметнува светската криза од војната во Украина и констатираше дека резултатите доаѓаат кога се работи одговорно, чесно и посветено.

„РЕК Битола произведува над 60 проценти од домашното производство на струја.

Во 2023 година, планирано е над 70 проценти од домашно производство на електрична енергија да биде произведено од термоелектраните во сопственост на државата.

Производството на електрична енергија без Блок 3, со максимално ангажирање на другите два блока во 2022 година изнесуваше 2.350 GWh.

Во 2023 година од овој капацитет на РЕК Битола, планирано е производство на над 3.000 GWh.

Придобивките од активирањето на Блок 3 во РЕК Битола се повеќекратни, затоа што покрај зголемено домашно производство на електрична енергија, придонесува и за зголемена доверливост и стабилност на електроенергетскиот систем и дава можност да се прават редовни годишни ремонти на сите три блока во РЕК, што е значајно за одржување на тековното производство на електрична енергија.

Трансформаторот што беше оштетен од пожарот во ноември 2021 година се наоѓа на репарација во специјализирана фабрика во Србија и откако ќе биде поправен, ќе служи како резерва”, додаде премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека овие информации е важно граѓаните да ги знаат, бидејќи во најголем дел, ЕСМ ја обезбедува електричната енергија од РЕК Битола.

„ЕСМ обезбедува струја за 100 проценти од домаќинствата во нашата држава. ЕСМ обезбедува евтина струја и за училиштата, прехранбената и месната индустрија, јавните комунални претпријатија, болниците, согласно политиките на Владата.

Затоа, граѓаните може да бидат спокојни – 99,2 проценти од домаќинствата немаат зголемени цени на електрична енергија и како и досега, електрична енергија во државата ќе има, без рестрикции, во една од најпредизвикувачките зими за светот”, порача премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, потсети и дека е намалена и цената на струјата за 20 проценти за околу 70 илјади мали фирми, коишто се на регулираниот пазар што значи дека македонската економија ќе биде заштитена, како и дека за ранливите категории граѓани се исплаќа додаток од 1.000 денари за поддршка на потрошувачка на електрична енергија, а во октомври 2022 година 46.804 лица добиле ваква поддршка од 1.000 денари за струја.

„Значи, во моментов успеавме да ги ангажираме сите расположливи капацитети во државата за зголемување на домашно производство на струја.

Цената на електричната енергија не се зголемува.

Економско – енергетските политиките на Владата даваат резултати.

Сите мерки кои беа насочени кон задржување на ценовната стабилност кај електричната енергија и ефектите, како што може да се види, се сигурна и стабилна испорака на електрична енергија до сите”, нагласи премиерот Димитар Ковачевски, при денешната посета на РЕК Битола.

Заедно со премиерот Ковачевски, во РЕК Битола беа и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и студенти од Факултетот за електроника и информациски технологии и професорот Антон Чаушевски.