Како што беше ветено, почнуваме процес на широку консултации и автентичниот предлог интегрално ќе биде ставен на увид на јавноста – напиша Османи.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на социјалните мрежи информираше дека одредени документи кои излегоа во медиумите не се финалниот предлок од Франција.
Тој побара трпение и разбирање од страна на граѓаните во однос на информирањето за новиот француски предлог.
– Со оглед на чувствителноста на моментот, сакам да посочам дека објавените документи во некои од медиумите не се финалниот предлог кој Француското претседателство го сподели денес со Владата преку Министерството за надворешни работи. Имаме целосно разбирање од јавноста за потребата да бидат запознаени со содржината на предлогот, но во исто време ќе замолиме за кратко трпение со цел да поминат консултациите низ институциите и предлогот соодветно да биде презентиран. Како што беше ветено, почнуваме процес на широку консултации и автентичниот предлог интегрално ќе биде ставен на увид на јавноста – напиша Османи.
Како што објави Османи на Фејсбук од Мадрид се враќаат со нов изменет предлог на Француското претседателство кое веднаш ќе биде ставено во процес на институционална консултација и увид на јавноста.
– Огромна благодарност до претседателот Макрон, целото претседателство со ЕУ, како и на канцеларот Олаф Шолц, за нивните особени напори да се обезбеди нов ревидиран предлог како нова шанса да се деблокираат европските интеграции на земјава и целиот регион – наведе Османи во објавата.
Тој во изјава за Канал 5 посочи дека модифицираниот предлог на Франција ги адресира забелешките што ние ги кажавме по однос на работната верзија на францускиот предлог што беше дистрибуирана помеѓу земјите членки ЕУ, но сепак треба да се разгледа целиот пакет и сите ставови и потоа официјално да се извести Париз за следните чекори.
– Францускиот претседател го претстави како финален предлог на француското претседателство, а имајќи предвид дека тоа завршува вечерва на полноќ, ќе биде наша проценка дали го прифаќаме или не го прифаќаме овој предлог – изјави Османи, додавајќи дека и самиот француски претседател Емануел Макрон истакна дека по доставувањето на ова компромисно предлог решение претстои процес на внатрешни консултации во земјава за негово разгледување.
Шефот на дипломатијата нагласи дека вечерва од Мадрид, каде што учествуваше на Самитот на НАТО како дел од државната делегација, се враќа во Скопје со францускиот предлог што ќе го претстави пред членовите на Владата, по што за документот ќе биде доставен и до сите релевантни институции во државата и се надева дека во текот на утрешниот ден ќе може да го претстави и пред пошироката јавност.
Владата за вечерва најави одржување седница, а претходно информира дека во следните денови ќе се извршат консултации и со политичките партии, со претседателот на државата, Парламентот, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата, по што ќе се донесе одлука во однос на предлогот.
– Колку побрзо го завршиме тој внатрешен консултативен дел, толку подобро за нас по однос на самиот процес, но сепак не треба да се избрза низ чекорите. Сепак ако може да се вклопи во една подинамична агенда мислам дека тоа би било корисно – истакна Османи.
Според него, доколку го прифатиме овој француски предлог прашање на денови е кога земјава ќе ги започне преговорите со ЕУ.
Во однос на обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека се водат тајни преговори на штета на националните интереси, Османи нагласи дека не станува збор за никакви тајни разговори, посочувајќи дека тој и неговиот тим пред два дена биле во Софија на разговори со бугарската страна во однос на билатералниот дел од овој пакет.
– Разговаравме за билатералната компонента на пакетот, а тоа е протоколот, а потоа заминав за Мадрид каде со ЕУ ги продолжиме разговорите за европскиот дел од пакетот, односно за преговарачката рамка и заклучоците – додаде Османи.