Од 1 декември пластичните ќеси одат во отпад. За два дена стапува на сила Законот на Министерството за животна средина и просторно планирање со кој секоја најлон кеса треба да биде изработена од биоразградлива пластика и за секоја граѓаните ќе треба да плаќаат 15 денари – пари кои ќе одат во посебен фонд на министерството за животна средина.
Граѓаните со кои разговараме велат дека ја поддржуваат секоја одлука која ќе придонесе за заштита на животната средина.
Производителите на пластични кеси велат дека овој Закон тие се приморани од 1 декември да стават клуч на своите фабрики. Предупредуваат дека со ваквите одлуки – огромен број на вработени во вакви фабрики ќе останат без работа. Велат, доколку веќе се носи ваков закон, потребни им се од 5 до 7 години за да набават нови машини и материјал.
Од Министерството за животна средина велат целта на овој закон е да се намали употребата на кеси за еднократна употреба и е заснован врз принципот „ загадувачот плаќа“.
Производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост. Напоменуваме дека стандардите за биоразградливост беа воведени уште во претходниот Закон, а пропишани во 2013 година.
Фирмите што произведуваат пластични кеси ќе треба да се адаптираат кон новите потреби, велат од Министерството и додаваат дека контроли ќе спроведува пазарната инспекција во однос на тоа дали се почитува законот. Со новиот закон се забранува и пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја.