Одличните настапи во репрезентативниот дрес и се почестото учество на големите натпреварувања придонесоа македонските одбојкари да добијат на цена на европскиот пазар. Така, денеска Ристо Николов го комплетираше трансферот во Швајцарија, за неколку часа подоцна својот нов клуб да го обелодени и Александар Љафтов.
Македонскиот ас ќе стане првиот во историјата на мак-одбојката што ќе заигра во италијанската лига (која важи за најсилна во Европа) откако денескаа го потпиша договорот со екипата на Порто Робур Коста од Равена. Италијанскиот прволигаш официјално потврди дека е потпишан едногодишен договор со Љафтов, кој би требало да биде големо засилување за Порто Робур во битката за што подобар пласман во наредната сезона.
Со ова продолжува европската одисеја на Љафтов, кој покрај во Македонија има настапувано и во Турција, Србија, Кипар, Романија, Хрватска и во Бугарија, каде даде значаен придонес во освојувањето на првата титула на Хебар од Пазарџик во клупската историја.