Елизабета Дончевска – Лушин е дипломиран педагог и автор од Струмица за кој колку и да се пишува ќе биде малку. Оние кои ја познаваат велат дека е голем вљубеник во природата, праведноста и пишаниот збор. На социјалните мрежи често може да прочитаме нејзини текстови кои се поучни за децата, но и повозрасните. Неодамна од печат излезе нејзиното второ издание на романот „Зад виножито“, додека првото издание влезе во тесна конкуренција за роман на годината и се најде меѓу првите пет.
Рецензент на романот е писателот Никола Илијовски од Битола.
Овој роман може да се дефинира и како љубовен надреалистички роман каде љубовта ја има моќта да го видоизменува времето, каде љубовта и само таа е носечката сила на сѐ што било и ќе биде. И конечно „Зад виножитото“ е роман за апсолутната моќ на еросот, субјективната вистина и силата на желбите како причина да се живее апсолутно од онаа и другата страна на постоењето, односно да се изигра нашето поимање на светот каков што сега го знаеме.
Второ нејзино дело е „Невидливи облици“. Збирката поезија е дел од нововостановената едиција „Идеалисти“ на издавачката дејност на НОВ ВАВИЛОН, а рецензент на збирката поезија е исто така писателот Никола Илијовски од Битола.
Во оваа книга на недвосмислен начин се судираат аполонскиот и дионизискиот принцип, хармонијата наспроти возвишеноста, редот наспроти опијанетоста, воздржаноста наспроти желбата. Поетесата го живее дионизиското со секој акорд што одекнува во оваа книга. Таа не преговара, туку се парничи, таа не се договара, туку се насладува. Како што и пишува Ниче во „Раѓање на трагедијата“: дионизиската уметност сака да нѐ убеди во вечната наслада на постоењето.
ЕЛИЗАБЕТА ДОНЧЕВСКА — ЛУШИН е родена во Струмица, 1967 година. Основно и средно образование завршила во својот роден град, а Филозофски факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Во најголемиот дел од својата професионална кариера работи како училишен педагог. Во 2005 година го издава својот прв роман „Зад виножитото“, кој како дебитанско дело истата таа година влегува во најтесниот круг за избор на роман на годината. Со расказот „Урбана игра“ е застапена во збирката раскази (раскази од женски авори) „Паралелен живот“. Учествува на повеќе конкурси во државата и е носител на повеќе награди. Има издадено и неколку стручни трудови кои ја обработуваат темата образование и педагогија.