На 05.10.2020 година, почина Добрин Андонов – првиот градоначалник на општина Василево. Роден е на 05.12.1958 година во Варварица, основно образование завршил во Василево, средно во гимназијата Јане Сандански во Струмица и во 1982 година дипломирал на Економскиот факултет во Штип, при универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје.
На чело на општина Василево е од нејзиното основање во 1996 година и со неа успешно раководи до 2000 година.
Ќе остане запаметен по неговата скромност, смиреност, сериозност и мудрост во носењето на одлуките и раководењето со општината. Под негово раководство општина Василево го започнува процесот на модернизирање и планско комунално уредување, процесот на постепено менување на ликот на населените места, процес кој значи постепено подобрување на начинот и условите за живот во општината, која полека но сигурно според стандардите на живеење се приближува до урбаните средини.
Својата успешна кариера ја продолжува во хотелот Цар Самоил во Бања Банско, каде извршува директорска функција.
Со должна почит кон неговото дело Општина Василево се простува од својот прв Градоначалник.