Здружението „Слоу фуд Огражден“ од општина Босилово ги повика фирмите и жителите во општина Босилово да се вклучат со донации за изградба на објект во православната црквата во село Дрвош и поставување урбана опрема во други населени места. Во кругот на црквата свети „Ѓорѓи“ во Дрвош претседателот на „Слоу фуд Огражден“ Сашко Поповски заедно со отец Дончо најави дека донаторката акција „Во чест на пресвета Богородица“, што почнува денес ќе трае речиси еден месец, како и дека веќе ги имаат и првите фирми – донатори кои со повикот се запознале преку социјалните мрежи.
„Целта ни е на верниците во Дрвош да им помогнеме во делот на уредување на црковниот двор со настрешница за свеќарникот. Исто така локалните жители побараа од нас да помогнеме во поставување на урбана опрема кај местото „Топлата вода“, како и инфрастуктура на селска чешма во селото Секирник. Ги повикуваме сите заинтересирани поединци и компании од денес до празникот Мала Богородица, односно 21 септември да донираат граѓа и мајсторска помош, како би можеле да ги изградиме наведените објекти. Очекуваме до 21 септември да ги собереме средства и да го имплементираме проектот“, рече претседателот на „Слоу фуд Огражден“ Сашко Поповски.
Меѓу првите фирми, кои се пријавија за поддршка на донаторската акција е Еуромакс Ресоурцис, чии претставници присуствуваа на настанот во Дрвош.
„Еуромакс Ресоурцес“ е подготвена да се вклучува во активности кои треба да го подобрат и унапредат квалитетот на животот во населените места во струмичкиот регион. Драго ни е што оваа активноста стартува само еден ден по прославата на Денот на рударите во Македонија и на еден од најголемите верски празници Пресвета Богородица, заштитничката на рударите и што на еден симболичен начин се вклучуваме во одбележувањето на денот“, рекоа претставниците на „Еуромакс Ресоурцес“.
Здружението „Слоу фуд Огражден“ од Босилово досега има реализирано повеќе проекти за промоција на културно-историското наследство од овој регион, а организирале и повеќе донаторски акции.