strumica denes logo

(АУДИО+ТЕКСТ) ПЕТАР МАРКОВ: СУВЕРЕНИТЕТОТ НА ИНДИВИДУАТА!

Автор:

Датум:

јули 31, 2019

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

јули 31, 2019

Категории:

Струмица

Во животот на секој човек му се случило да биде сведок на некоја неправда, независно дали голема или мала, но одлучил да се сврти на страна бидејќи последиците кои ги очекува ако проговори, за него би биле престрашни. Колку од луѓего во нашава држава се плашат да го искажат своето мислење или го кажуваат на начин на кој претпоставуваат дека би бил прифатлив за оние кои се на позиции преку кои се носат одлуките?

Ако постои нешто полошо од диктатура која е спремна да ги употреби сите механизми за да го цензурира искажувањето на критичката мисла, тоа е самоцензурата на мислата. Самоцензурата значи воздржување од искажувањето на сопственото мислење и тоа најчесто заради страв од негативни реперкусии или ексклузија од одредена група. Во секој момент кога одлучуваме да не ја адресираме темата со која не се сложуваме, самите себеси си поставуваме критериум кој претставува толеранција на нешто неморално, неетичко или нелегално, а со ова пак, свесно дозволуваме корупција на личностите кои пак ја сочинуваат институционална корупција, за на крај самите да станеме корумпирани, што не претставува некое оптимално решение на долг рок. Кој е виновен за сето тоа? Одговорот е многу јасен – ние!

Колку од нас добиваат чувство дека се злоупотребени следејќи го институционалниот криминал и начинот на водење на државата? Колку сметаат дека нивната интелигенција е потценета слушајќи ги смешните објаснувања од челниците на земјава? Колку се разочарани од капацитетот на луѓето кои треба да одлучуваат за нас и колку сметаат дека ова не смее да се случува и дека заслужуваме подобро? Најверојатно сите. Сите го имаме тоа чувство но никој не е искрен. Да, нашата ситуација е страдање, но иако е таква мораме да бидеме доволно храбри за да пронајдеме нешто кое ќе одговори на предизвикот со развивање механизам за надминување на страдањето.

Универзалното чувство на недораснатост во соочувањето со проблемите е тоа кое не одвраќа од нивното решавање. Не постои проблем кој е нерешлив и не постои проблем за кој немаме капацитет да го пронајдеме решението. Никогаш нема да бидеме оние кои сакаме да бидеме додека не разбереме дека ова е наша одговорност и мораме да бидеме активни. Изгледа страшно – супер, оптимизмот е вгнезден во песимизмот! За да се направи нешто многу прецизно мора да постои силна опонирачка сила. Тенденцијата на индивидуите да избегнуваат одговорност за сопствените животи и искуства се причините што оваа работа оди толку далеку. Сите имаме внатрешна вредност и таа вредност повлекува одговорност кон нашите постапки кои треба да го зачуваат интегритетот на нас самите, на нашето семејство и на нашата држава.

Правилото е дека ако од нешто сме незадоволни и разочарани и ако нешто не плаши и ја загрозува нашата иднина влегуваме во негово решавање со сета расположива сила. Независно дали се работи за вработувањата без компетенција, за нееднаквата распределба на привилегиите, за лошото политичко водење или јавната корумпираност без трошка одговорност, се исправаме пред проблемот со тоа што ќе ги обезбедиме аргументите, ќе ги пронајдеме нашите истомисленици и ќе го артикулираме гласно она кое сакаме да го промениме. Тоа не е само борбата туку тоа е и начинот на кој се учи во животот. Тоа претставува уметност на балансот помеѓу правата кои ги добиваме заради одговорностите кои ги сносиме.

Храброста е дефинирана со превземањето акција, а акцијата доаѓа само од луѓе кои ги имаат потребните знаења и информации, кои се способни логички да ги согледаат и споредат фактите и реторички способни тоа да го изразат на начин на кој ќе бидат забележани. Соочувањето со сето ова е предизвик, особено заради страдањето и злобата. Но има и полошо од тоа, а тоа е ако не се бориме! Шанса за победа имаме единствено кога се бориме, во спротивно битката е веќе изгубена, и најтрагичното во сето ова е што секој од нас има шанса.

Не треба да се грижиме за себе туку за оние кои можеме да бидеме. Го имаме целиот живот пред нас. Не си ти кој можеш да бидеш физички? Не си ти кој можеш да бидеш духовно? Не си едуциран до нивото кое би можел да бидеш? Повели. Годините се пред нас, да научиме нови вештини, да се едуцираме, да знаеме како да говориме, како да се изразуваме, како да се спротивставиме. Да бидеме сила во заедницата, да ги повикаме на одговорност оние кои се огрешиле пред законот, да ги победиме во нивната игра, па да ги направиме промените кои сакаме да ги видиме. Однесувајќи се правилно и одговорно спрема другите, ние всушност ги учиме како тие да се однесуваат спрема нас. Да се стремиме да го задржиме суверенитетот на индивидуата и да не дозволиме да не компромитираат, со тоа што мораме да бидеме спремни дека ќе го добиеме и лошото заедно со доброто.

Се се сведува на индивидуалниот интегиртет. Ако владата е корумпирана, тоа сме ние, тоа е наша одговорност. И ако се прашате, па што можам јас како е тоа моја одговорност? Одговорот е јасен, Биди повеќе од тоа што си! Инволвирај се! Активирај се! Информирај се и артикулирај гласно дека не смееме да си го дозволиме луксузот за губење на уште една генерација. Не дозволувај друг да носи одлуки кои се однесуваат на тебе. Можеби живееме во време во кое сме немоќни да спречиме неправда веднаш, но никогаш не смееме да прифатиме дека ова е време во кое нема да се спротивставиме.