Александар Филев е роден во 1982 година,во Струмица. Своето образование го почнува во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ – Скопје, за да продолжи на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со конзервација и реставрација во класата на проф. Благоја Маневски. Од 2001 година е асистент во отвореното студио за современ мозаик. Учествува во изработката на монументалните мозаици во Меморијалниот центар во с. Пелинце, како и во повеќе ликовни проекти и групни изложби.
Неговите дела се наоѓаат во многу приватни и државни збирки и институции, меѓу кои и во Меѓународната струмичка ликовна колонија, Музејот за современ мозаик Брациано – Италија, но и како мозаични решенија на повеќе сакрални објекти.
Во продолжение, да дознаеме нешто повеќе за неговите почетоци, детството и искуствата стекнати движејќи се по трнливиот пат кон успехот.
Можете ли да се сетите во кој момент сфативте дека ликовната уметност е повикот на кого ќе му го посветите животот?
Александар Филев: Уште како мал, од моите 7-8 години бев многу срамежлив, се криев во атељето на татко ми, и скршно цртав бидејќи не сакав никој да го види тоа што сум го нацртан. Сигурно и генетиката има улога, уметноста е вродена работа, или го имаш тоа во себе или не.
Се сеќавам кога требаше да се запишам во средното уметничко училиште во Скопје, цртав секој ден по 4 портрети, бидејќи за приемен испит се полагаше портрет. На испитот ги освоив сите 120 бодови и бев прв на истиот испит, за мене тоа беше и одговорност за во наредните 4 години да го оправдам тоа и да се трудам се’ повеќе и повеќе!
Излегувате од школата на Благоја Маневски, едно клучно име во генерирањето на современата македонска сцена, лице кое е познато по тоа што изврши неоспорни поместувања и осовременувања на визуелниот уметнички израз на национално ниво..
Какви спомени ќе ви останат од тој период?
Александар Филев: Кога завршив средно-уметничко се запишав на Академијата во Скопје. Ја имав таа среќа една година да ми предава професорот Душан Перчинков, голем сликар и одличен педагог. Ни предаваше цртање. Тој одите во пензија а го наследи Благоја Маневски, современ сликар концептуалиста. Тој се трудеше да не научи да бидеме свои во сликарството, да бидеме креативни, храбри во начинот на изразување, ни даваше голема слобода што е најважно во сликарството. Убави поминати години, дружење со колегите, сликање, посети на изложби, разговори!
Многумина ваши колеги ќе го потврдат фактот дека за жал, Македонија не е место во кое може да се егзистира само од уметност и некако, тоа веќе станува еден вид јавно мислење кое ги предомислува младите и талентирани ентузијасти да се запишат на факултетска гранка сврзана со уметноста. Што би им порачале на вашите помлади колеги, каков совет би им дале, со обзир на тоа што патот по којшто тие одат, вие одамна го имате изодено?
Александар Филев:За жал ситуацијата во Македонија не е баш сјајна, не само за уметноста туку и во целокупното општествено живеење. Кај нас се е насила, што се однесува пак за уметноста, за сликарството, мислам дека недостасува уметничка култура, младите се помалку посетуваат изложви, претстави, промоции, концерти и сл. А контраст на тоа кафичите и рестораните се полни секогаш.
Дали може да се живее од уметност?
Колку да се преживее… Видете, има луѓе кои материјално добро стојат, направиле куќа како палата, кога ќе влезеш внатре или ѕидовите се празни или закачена некоја штампана репродукција кинеска која нема никаква вредност. Затоа и фали уметничката култура. На младите кои сакаат да одат по патот на сликарството би им порачал да веруваат во себе, да бидат упорни, креативни, да си го слушат своето срце и она што го чувствуваат да го пренесуваат. Искрено, се надевам на подобри времиња!
Дали себеси се гледате во улога на професор? Дали сметате дека успешно ќе можете да ги пренесете сите тие неисцрпни знаења од вашата област на идните поколенија сликари?
Александар Филев: Не се гледам како професор, не ме исполнува таа работа. А денес да бидеш професор треба да бидеш психички многу издржлив.
Зад себе имате многу награди и признанија. Која е вашата тајна на успехот?
Александар Филев: Тајната на успехот е да се биде слободен, креативен, чувствителен и додека сликаш не размислувај дали тоа ќе му се допадне на некој или не!
Кои се идеалните услови за создавање уметност според вас? Дали тоа е некоја квалитетна музика, зајдисонце или пак, доволна е силната инспирација?
Александар Филев:Идеални услови не се потребни, мене лично доволно е нешто внатре да ме „дрмне“, да ме испровоцира и тоа е внатрешна енергија која како сликар имам потреба да ја пренесам на платното.
Да се навратиме на вашите почетоци и детство..Какво дете и ученик беше Александар Филев?
Александар Филев: Мирно, скромно и доста срамежливо дете. Кога некоја играчка не ми ја купуваа, знаев сам да ја направам и да бидам среќен!
Која би била вашата професија денес, ако не бевте познат сликар и мозаичар?
Александар Филев: Повторно да се родам, сигурен сум дека ќе бидам повторно сликар, оти за друго и не ме бива. Упс, се извинувам, знам и одлично да готвам! 😀
Што според вас, е она, чија убавина никогаш нема да можете да ја претставите доволно добро на платно, независно од тоа колку сте вешти со четката во рака?
Александар Филев:Дефинитивно, убавината на природата!
Која е убавината на апстракноста? Кој победува во битката меѓу апстрактноста и реалистиката?
Александар Филев: Убавината на апстракното, мислам дека е што може секој да си открие свој свет во неа! Реалното е видливо или сервирано на готово, а апстрактното те носи во еден свет на размислување, анализирање. Се разбира, за мене победува апстракното.
За крај, кои се вашите планови за иднина? Кога ние струмичани ќе можеме повторно да уживаме во квалитетна ликовна изложба?
Александар Филев: Минатата година имав изложба која беше насловена „Нескротлива Енергија“, така да еве уште не сум успеал да ја скротам. Сликам секојдневно, не можам без тоа! За нова изложба здравје кога ќе почувствувам дека е дојден моментот.