bandr
Спорт

„Пандевци“ без победа и во Кратово!

Во првиот натпревар од 27. коло во ПМФЛСилекс и Академија Пандев одиграа разочарувачко реми без голови на Градскиот стадион во Кратово. Екипата од Струмица уште не знае за победа во пролетниот дел од сезоната, а денес не беше ни блиску до освојување на трите бода.

Првиот дел помина во знакот на домашната екипа, која ја контролираше играта и креираше поголем број на шанси за гол. Првата се случи уште во 12. минута, кога Милош Ѓорѓевиќ по еден центаршут од десната страна на Глигор Глигоров ја затресе рамката од голот на гостите. Српскиот напаѓач беше постојана закана за противничката одбрана, а немаше среќа да го постигне водечкиот погодок по ударот со лева нога во завршницата на првиот дел.

Струмичани беа инфериори во првите 45 минути и направија два јалови обида на крајот од полувремето. „Пандевци“ започнаа поактивно во продолжението, а по еден час игра на теренот влезе и Зоран Балдовалиев, најдобриот стрелец на гостинскиот тим, но и тој не донесе ништо ново во гостинскиот напад, кој денес делуваше незаинтересирано. Сепак, црвениот картон на Даниел Миловановиќ во 53. минута им ги скрати шансите за победа, па до крајот мораа го бранат бодот со човек помалку на теренот.

Завршницата им припадна на кратовчани, кои притискаа до крај за победа, а повторно се заканија преку Ѓорѓевиќ, но Вујанац повторно спречи промена на почетниот резултат. Во следното коло Академија Пандев ќе го пречека Шкупи, а Силекс ќе гостува кај изненадувањето оваа пролет, тимот на Скопје.