Perdormire
Струмица

ЈАНЕ КИРОВ: Македонската нација – нација која постојано во нешто доцни!

Фејсбук статус на Јане Киров:

Многумина низ разговор ќе кажат дека во последните години не’ зафатил голем бран на миграција. Се’ поголем број семејства и млади решаваат да ја бараат егзистенцијата надвор од границите на нашата држава. Но… дали се во право? Погледнато наназад низ историјата, склоноста кон распарчување на сите краишта од светот како да е впишана во македонскиот ген. Историјата е една те иста, само се повторува и ги менува свидетелите.

Ќе ми речете, сега нашите деца се школуваат и остануваат во странство. Зарем не било така во минатото? Неповторливиот Прличев и големиот Миладинов студираат медицина во Атина, Шишков дипломира во Белград, Чернодрински во Софија… Многу тешко ќе најдете некој од плејдата великани кои завршиле на Универзитетот во Скопје. Зошто? Доцниме со отварањето на првиот универзитет речиси еден век.

Ќе најдете творби на Рацин на српски јазик. Творби на Жинзифов и Вапцаров на бугарски јазик. Други наши автори пак, се одлучиле за комбинирани варијанти од јазиците на соседите. Зошто? Отсуството на сопствен кодифициран јазик го прави своето. Наместо усовршување, меѓу претставниците на тогашната македонска интелегенција ќе се развијат жестоки борби врз основа на чиј јазик да бидат поставени темелите на македонскиот јазик. Едните ќе се залагаат за македонско-бугарски, други за македонско-српски, трети за чист македонски. Како и да е, заклучокот е дека се има изгубено многу време. Во желба да се остави трага во националната уметност, нашите автори ќе творат на туѓите јазици, надевајќи се дека токму тој јазик подоцна ќе биде земен за основа на македонскиот. Нема зошто да се чудиме кога соседите си ги споменуваат како нивни дејци.

Денес нели се случува истото во однос на културата? Македонци победуваат на талент шоуа во Србија и Бугарија. Зошто? Затоа што не располагаме со моќна продукција која ќе создаде наше шоу. Голем дел наши пејачи потпишуваат договори со издавачки куќи од соседството. Треба ли да се чудиме ако во иднина бидат прогласени за нивни? Не.

Зборот ми е, дека не сме свесни колку племенита и паметна нација сме. Нација со многу таленти и вештини, но и нација која не е во состојба да ги поддржи и развива. Нација која постојано во нешто доцни.

Македонската нација – нација која постојано во нешто доцни!