ИНТЕРВЈУ СО НАТАША ЦОНЕВА, СТРУМИЧАНКАТА КОЈА ЛЕКТИРНИТЕ ИЗДАНИЈА ГИ ОБЈАВУВА ВО ВИД НА АУДИОЗАПИС!

мај 25, 2020

По повод вчерашниот голем празник на просветителите Наташа Цонева-Лазаревска, библиотекарка во ООУ„Никола Вапцаров“, Струмица го споделува нејзиниот Јутуб-канал Natasa L.C на сите наши читатели кои имаат дечиња во основното образование на кој ќе слушнете 5 лектирни изданија од 1- 9 одделение во вид на аудиозапис.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како дојдовте до идеја за ваков начин на промовирање на лектири?

НАТАША ЦОНЕВА: Секое зло за добро, оваа вонредна ситуација ја забрза мојата замисла која ја имав одамна. На многу дечиња во пет до дванаесет им текнува дека имаат лектира за утре, што им создава голем стрес, и на децата и на родителите. Па еве, да се снајдат понекогаш. Како би прочитале инаку лектира од 150 страници за час и половина.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Значи децата сега и воопшто не мора да читаат, ќе слушаат и ќе знаат за што се работи!

НАТАША ЦОНЕВА: Не, напротив! Досега се снаоѓаа со гледање филмови, ова е многу подобар начин. А можат и слободно да направат разлика меѓу читањето, слушањето и слушањето со гледање. Само аудиозаписот не е толку привлечен за нив, но дејствува посмирувачки.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Тоа е делумно монтажа што го работите дома. Имате ли познавање од компјутери?

НАТАША ЦОНЕВА: Јас сум уметничка душа и многу не ја почитувам технологијата, но ете наоѓаме корист од неа. Мојот син Илија, прва година на информатика во СОУ „ Никола Карев“ многу ми помага околу тоа. Работам со аматерска техника, со спонтано читање, правам и грешки, но тоа ми беше и поентата, дури сакав ако ми ѕвони мобилниот, да се извинам на слушателите, да не одговорам на мобилен, да продолжам…Нешто како аудиодрама, но не сакам да ги деконцентрирам во мислата во читањето. Прво се ставам на нивно место… Замисли спиеш и слушаш и нешто чудно се случува во лектирата, не знам колку ќе се разбере тоа, но сакам да се обидам.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Можно ли е од една библиотекарка да очекуваме идна јутуберка?

НАТАША ЦОНЕВА: Замисли на 60 години милиони луѓе гледаност…ХАХАХА…Мојот син вели дека ни 100 нема да имам, ама јас се надевам и мојата ќерка верува во тоа… Колку пати сме заспивале со аудиоприказните!

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како би им го честитале празникот Свети Кирил и Методиј, на оние кои сега ќе коментираат?

НАТАША ЦОНЕВА: Слушајте нешто корисно и смирувачко! Верувам дека дури и возрасните ќе ја излечат својата напнатост со овој вид на терапија. Слушајте добри книги, гледајте добри дела, за да дејствувате со добри дела и а бидете од корист некому! Инаку, тоа е корисно и за децата од Македонија кои живеат во дијаспората, па и за оние кои не си ја набавиле лектирата.

Кликнете subscribe на youtube каналот Natasa L.C и бидете во тек со лектирите за основно образование!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: