Дали младите струмичани се навлечени на коцка и казино и кои мерки би требало да се преземат ?

октомври 22, 2018

Состојбата во нашиот град се чини дека е премногу поалармантна. На секој чекор може да сретнете кладилници и коцкарници кои работат 24 часа, а младината најчесто ноќниот живот и ноќното лудило го завршува токму на овие места. Од кафуле во диско, од диско во кладилница и на крај без ниту еден денар во џеб да се касне нешто од познатите пекари во Струмица и пред да се раздени да се стигне дома.

Помислата на лесни и брзи пари може да ги привлече кон игрите на среќа, но вистинскиот проблем се јавува дури подоцна, кога страста и адреналинот целосно го совладуваат човекот.

Најпрво се трошат своите пари, потоа се продаваат работите од дома, следува позајмување од пријателите и роднините, за на крајот многумина да зачекорат во светот на криминалот, измамата и кражбата. Ниту кога ќе пресуши изворот на парите играта не се прекинува затоа што тогаш се појавуваат „пријатели“. Станува збор за луѓе кои те поттикнуваат да продолжиш; наводно те разбираат и те охрабруваат, а ти си подготвен на сè, се согласуваш на нивната „поддршка“ и позајмуваш пари – многу пати со голема камата. Во малку случаи се покажува дека овие позајмувања се промашена инвестиција затоа што позајмувачите добро се запознаени со материјалната состојба на семејството, а големите долгови по правило се враќаат со продажба на недвижнина, куќа или стан.

Јас ќарив, а ти? Ваков примамлив слоган е испишан на една од обложувалниците. Кој е ЈАС, а кој ТИ во приказната? Заработувачката на обложувалниците е загарантирана. Обложувачите најдобро си го знаат домашниот есап. Обложувањето е директно поврзано со сиромаштијата. Колку што е беспарицата поголема, толку се зголемува надежта дека излезот е во некое уплатено ливче.

Светските истражувања велат дека зависноста од коцкање никогаш не завршува добро. Резултатите од ова секогаш се катастрофални, не само за коцкарот, туку и за луѓето кои го опкружуваат. Проблемот е тоа што повеќето луѓе ја губат контролата за тоа колку пари и време потрошуваат на коцкањето. Така, тие ги игнорираат своите одговорности и стануваат слепи во врска со несаканите ефекти, а целото внимание и енергија им се посветени на коцкањето.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: