strumica denes logo

Дали е потребно тоа и во Македонија? Австралија официјално ги забрани сите социјални мрежи за деца, за истото размислуваат и повеќе држави!

Автор:

Датум:

декември 9, 2025

Автор:

Датум:

декември 9, 2025

Забраната за користење на социјални мрежи за лица помлади од 16 години стапи на сила на полноќ по локално време во Австралија.

Платформи како Instagram, TikTok и YouTube сега се обврзани да ги блокираат профилите на корисници помлади од 16 години или ќе се соочат со казни до 33 милиони долари, пренесува Ројтерс.

Забраната, која беше пофалена од родителите и застапниците за заштита на децата, а критикувана од технолошките гиганти и поборниците за слобода на говор, претставува прв практичен обид за регулирање на пристапот на децата до дигиталните платформи и се очекува да послужи како модел за други земји што разгледуваат слични мерки.

„Иако Австралија е прва што усвои вакви ограничувања, малку е веројатно дека ќе биде последна“, изјави Та́ма Ливер, професорка по интернет студии на Универзитетот Кертин.

Владите – од Данска до Малезија, како и поединечни американски држави – веќе разгледуваат слични чекори, истакнува Ројтерс.

Забраната првично ги опфаќа десетте најголеми платформи, вклучувајќи ги YouTube, Instagram и TikTok, а листата ќе се проширува како што ќе се појавуваат нови производи и како што корисниците ќе преминуваат на алтернативи.

Платформите ќе ја утврдуваат возраста на корисниците преку алгоритми, податоци од лични документи или поврзани банкарски информации.

Иако платформите тврдат дека забраната ја ограничува слободата на говор и го загрозува идниот прилив на корисници, владата истакнува дека целта е заштита на децата и намалување на штетното влијание од дигиталните медиуми.

Пред стапувањето на забраната на сила, 86 проценти од децата на возраст од осум до 15 години користеле социјални мрежи.

Комесарот за е-безбедност го ангажираше Универзитетот Стенфорд и 11 академици да го следат ефектот од забраната најмалку две години, за Австралија да може да обезбеди податоци за регулаторите и законодавците ширум светот.

Кодиректорот на Центарот за вештачка интелигенција, доверба и управување при Универзитетот во Сиднеј, Тери Флу, оцени дека „деновите на неограничено самоизразување на социјалните мрежи за децата полека поминуваат“, потенцирајќи ја важноста на новата регулатива.

  • Banner