ОД НАСЕЛЕНОТО МЕСТО ДОБРЕЈЦИ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТА ЈАНЕВСКИ НАЈАВИ ПОЧЕТОК НА НОВА ГРАДЕЖНА ОФАНЗИВА НИЗ ЦЕЛА ОПШТИНА!

јуни 11, 2019

Од населеното место Добрејци, градоначалникот Коста Јаневски, најави почеток на нова градежна офанзива низ целата Општина. Веќе се работи на неколку локации, кои денеска ги посети Градоначалникот, а за кои рече дека поголем дел од инвестициите се реализираат со средства од општинскиот буџет.

-Во моментов се изведува долгоочекувано асфалтирање со втор слој на дел од улица која е главна артерија на ова населено место. Граѓаните ја бараа од поодамна, ние ја ставивме во Програмата и по надминувањето на некои административни проблеми, објавување на тендери, проблеми со набавка на битумени и некои репроматеријали кои самите изведувачи ги имаа и еве сега успешно се изведува оваа делница. Во ова населено место планирани се уште две други улици кои што ќе бидат тампонирани и асфалтирани со прв слој, реконструкција на еден дел од игралиштето во основното училиште кој што е руиниран, тампонирање на улицата до гробиштата, со што заокружуваме еден циклус на инвестиции во ова населено место. По завршувањето на овие зафати, планирано е асфалтирање на три улици во населеното место Куклиш, но и улици во други населени места. Се работи и во градската средина. Во тек е реконструкција на тротоари на улицата „Ѓуро Салај“, потоа и на тротоарите на улицата „Климент Охридски“ и на еден дел од улицата „Младинска“, а планираме и асфалтирање со втор слој на делницата од семафорите пред трговскиот центар „Глобал“ до улицата „24-ти Октомври“ кој е еден доста руиниран дел, асфалтирање околу популарно наречениот кружен тек „Бурчо“ и исто така многу важно асфалтирање со втор слој и реновирање на улицата „Бетовенова“ во Турското маало, каде што е започната подготовката и изведбата на еден подолг потпорен ѕид кој што заради конфигурацијата на самиот терен е малку сложен за изведба. Во индустриските зони, пробивање и тампонирање на улицата број 1 во урбан блок 9 кај популарно наречената Агроберза, а сакам да кажам дека во соработка со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и со Министерството за земјоделство, уште лани ги најавивме, а сега почнува тампонирањето на полските патишта, во оваа фаза 9 такви патишта ќе бидат тампонирани и се надевам дека во наредниот период ќе има проширување на оваа значајна акција. Можам да најавам дека утре ги потпишуваме договорите со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделство и рурален развој за три значајни проекти, а тоа се канализационен систем во населеното место Вељуса, шеталиште и улица во населеното место Градско Балдовци и отворање на патеките до третиот водопад во населеното место Габрово со реновирање и уредување на туристичката патека која што постои и која ќе се продолжи до третиот и највисок водопад. Тоа се некои од активностите кои што во моментов можам да ги најавам, а што не значи дека тука ќе застанеме. Еве уште едно дополнување, вчера одобривме значајна сума за реновирање на училиштето во населеното место Добрејци и сакам да кажам дека поголем дел од овие инвестиции се од буџетот на општина Струмица и тоа за мене претставува посебно задоволство, наши ветувања, наши проекти кои заедно со нашите граѓани сме ги инкорпорирале во тој граѓански тип на буџет на општина Струмица, рече градоначалникот Јаневски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: