bandr

На денешен ден во заседа загина струмичанецот Кољо Китанов – најмладиот бранител на Македонија!

Кољо Китанов (Сарај, Струмичко; 2 септември 1981 – с. Лавце, Тетовско, 6 јуни 2001) — најмладиот загинат македонски бранител, приправник на АРМ на отслужување на редовниот воен рок во времето на воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Загинал на 6 јуни 2001 во заседата на патот Гајре – Шипковица кај селото Лавце, имал 19 години.

Кољо или Коле Китанов е роден на 2 септември 1981 година во струмичкото село Сарај. Коле во себе носеше комитска крв и беше патриотски настроен. Неговиот прадедо бил соработник на Даме Груев и сведок на неговото убиство кај Петлец, близу Русиново, Беровско. Неговиот дедо Јаким Китанов за време на Втората светска војна активно се бореше против балистичките чети на Шар Планина, каде што неговиот внук ќе загине во 2001 година.

Коле завршува средно земјоделско училиште и сакаше да продолжи на факултет. Во октомври 2000 година, Коле станува војник на АРМ. Учествува во војната во 2001 година како редовен војник на македонската армија.

На 6 јуни 2001 година, Коле е убиен од терористичка банда во близина на тетовското село Гајре, заедно со неговиот старешина, водникот Исак Руфати. Беа пречекани во заседа и изрешетани во военото „пик-ап“ возило со кое носеле храна до своите колеги на Шар Планина. Коле бил возач, и никогаш, како што вели неговиот татко, не фатил оружје в рака. Ниту во некој пукал, ниту пак имал можност да пука и да им се брани во моментот кога убијците пукале од сите страни на нив. Тој, како војник од резервниот состав, имал само уште 13 дена за да го заврши својот воен рок и потоа да се посвети на претстојните приемни испити за упис на факултет. Неговите планови завршија во селските гробишта во Сарај.

Кољо на 19 години ја пролеа својата крв како војник на АРМ чија прекината младост го завитка во црно семејниот род Китанови чии планови беа поврзани со синот наследник и надеж, машка глава во фамилијата.

На 6 јуни 2001 кај патот Шипковица – Гајре, во заседа слична на Вејце загинуваат 5 припадници на АРМ, меѓу нив и Кољо Китанов. Сите петмина загинале за само 15 минути, прво Руфати и младиот Китанов, а потоа без никаква придружба, по претходна наредба да пружат помош на повредени војници во армиско-полицискиот пункт во Шипковичка кривина, во истата заседа паднале Матичевски, Силјанов и Миленковски.

На свиокот на патот што води кон овој пункт, терористите со рачен фрлач го погодиле возилото “пик-ап 101”, кое носело храна за пунктот кај Шипковица. На самото место загинале Руфати и Китанов, кои биле во возилото. По само пет минути, на истото место е нападнат џип „Ленд ровер“, кое се упатило да им помогне на ранетите во Шипковица. Од четворица луѓе внатре, тројца загинаа на местото.

Според увидот, на возилата било пукано од две групи по 5-6 напаѓачи, од 8-10 метарска оддалеченост. На местото биле најдени 60 празни чаури, рачни бомби, неексплодирани гранати. По џипот се движело санитетско возило, кое за влакно успеало да сврти и лекарите да се спасат од заседата.

На 6 јуни 2010 година, во чест на петтемина загинати војници е поставен спомен плоча на местото каде загинаа.

ВЕЧНА СЛАВА ХЕРОЈУ!