(ФОТОГАЛЕРИЈА) НА ДЕНЕШНАТА СВЕЧЕНА СЕДНИЦА БЕА ДОДЕЛЕНИ ГОДИШНАТА НАГРАДА И НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ОПШТИНА СТРУМИЦА – ПОГЛЕДНЕТЕ КОЈ БЕА НАГРАДЕНИТЕ!

декември 11, 2018

Општина Струмица денеска го празнуваше Денот на заштитниците „Св.15 тивериополски свештеномаченици“. Празнувањето започна со Света божествена литургија во истоимената црква, а продолжи со свечена седница на Советот на општина Струмица која што се одржа во големата сала на центарот за култура „Антон Панов“ на која што присуствуваа претставници на Владата на Република Македонија, дипломатскиот кор во земјата, МПЦ – струмичка епархија, католичката црква, пратеници, градоначалници и советници од други општини и почитувачи на делата на Светите Петнаесет Тивериополски свештено маченици. За значењето на празникот зборуваше градоначалникот Коста Јаневски.

-Струмица низ своето многувековно постоење поминала неброени делници и празнувала многу празници, но ниту еден ден, ниту еден празник, не ги исполнува толку срцата и душите на струмичани, како денот денешен во кој ги празнуваме и чествуваме основоположниците на нашиот духовен идентитет.

Денес се навршуваат 1656 години од денот на погибието на Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици, на оние 15 светители кои го просветлија името на нашиот град, оставајќи длабоки траги во христијанското живеење на овие наши простори, но и многу пошироко. Се навраќаме еден милениум, шест векови, девет децении и две години до моментот кога безбожниците кренаа рака врз Божјите следбеници и сејачите на семето христијанско. И пак го дочекавме тој ден за слава и почит, кога црковната камбана повторно ни даде до знаење дека треба да и бидеме верни на традицијата и на верата наша христијанска, повикувајќи не во храмот кој го носи името на богољубивите свештеномаченици, за да направиме длабок поклон пред нивните животи и дела, оти тие се најзаслужните за нашите длабоки духовни корени. Тоа го правеле генерации и генерации наши сограѓани, тоа го правиме и ние, а ќе го прават и струмичаните кои допрва треба да се родат. Се дури постои овој град, се дури вредностите и традициите ги пренесуваме од колено на колено, ќе постои и негувањето на култот кон Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, рече меѓу другото, градоначалникот Јаневски.

На денешната свечена седница на Советот беа доделени годишната награда и наградата за животно дело на Општина Струмица „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” за 2018 година. Годишната награда ја добија Сузана Мицева за особен придонес во областа на книжевност и новинарство, Зоран Петков за особен придонес во областа на образование и наука, Делчо Ѓорѓиев за особен придонес во областа на крводарителството и хуманоста, Зоран Мазнејков за особен придонес во областа на музичката уметност, Стојан Витанов за особен придонес во афирмација на општината надвор од границите и Биљана Гунова за особен придонес во областа на образованието и културата. Наградата за животно дело постхумно ја доби Благој Истатов за особен придонес во областа на спортот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ