Perdormire
Култура

Амбасадорот Бејли ù додели награда на струмичанката Марија Спасова

Струмичанката Марија Спасова продолжува да нè убедува дека за нејзиниот талент и надареност не постојат граници. После многуте освоени награди и признанија, овојпат успеа сите одново да нè изненади со освоена награда за еден од најдобрите среднолошски есеи, на националниот конкурс распишан од УСАИД – „Како ја гледаш Македонија во наредните 25 години?“ . Како и досега, во улога на менторка зад младата писателка застана професорката Олга Хаџиева.

 Спасова, во придружба на своите најблиски го прими признанието директно од американскиот амбасадор, Џес Бејли и неговата сопруга, Кејпи Полк Бејли во нивната резиденција во Скопје.

Во продолжение, мали извадоци од наградениот есеј и видувањата на младата авторка за повеќе сфери од општественото живеење:

  • Се соочуваме со потреба од  големи реформи. Очекувам постепена промена на застарените облици на менталитет меѓу населението, поголема сплотеност и инволвираност. Намалена корупција и намален број на административци во јавните институции. Вработените во јавната администрација посериозно да ја сфаќаат својата работа, па едношалтерските системи да станат побрзи и поефикасни, зад шалтерот да нема наплив на ароганција и благ бес поради неупатеност на граѓанинот кој со себе носи куп документи.
  • Квалитетно образование со повеќе практична обука на учениците и студентите,  реновирани и модерни училници, употреба на современи наставни надгледни средства. Не секој да може да стане професор – повеќе тестирања и посилни критериуми за вработување на просветниот кадар. Не секој да може да се запише на факултет – секој според индивидувалните можности да си положи приемен испит. Да се актуелизираат и занаетите и мануелните вештини, бидејќи и без нив не се може. Би било добро кога би ставиле крај на бесмислените „врски“ за некоја оценка повеќе и поделбите на „привилигирани“ и „непривилигирани“. Граѓанството честопати ни е доведено во прашање и тука треба посебно да се вложува – да се создадат умни, а не слепи генерации кои лесно ќе влегуваат во улога на неми поданици.
  • Да се зголеми бројот на лекари кои ќе останат во својата матична земја, но правопропорционално со тоа,  да се покачат и нивните месечни примања. Да нема повеќе полни чекалници и ходници, грешки при давање анестезија, задоцнети дијагнози и грешка терапии. Да нема со себе исполнети лекари, кои во очите на пациентите се гледаат како „богови“. Пољубезни медицински сестри. Поголема опременост на болниците и клиничките центри со апаратура. Побрза итна помош.  
  • Верувам во поголема процентуална застапеност на жената, како архитект на општеството, во политиката, здравството, уметноста..Подолго породилно отсуство и поголеми санкции за семејно насилство.
  • Би било добро снегот секоја година да престане да не’ изненадува. 
  • Народот да биде посмел и позапознаен со своите права и слободи, а медиумите да уживаат поголема слобода на изразување.
  • Кога на крајот од месецот, откако биле подмирени сите животни трошоци, на секој еден граѓанин на Македонија би му останала солидна сума во џебот, тој би бил задоволен. Македонецот не бара многу – за него е доволно да си дозволи некој си пристоен живот, без да се прашува дали ќе истурка до крајот на месецот. Ако секој Македонец може да си ги зеде 20 работни дена одмор, без да се плаши од отказ, кога би можел да замине на еден заслужен одмор барем еднаш годишно, кога би можел да си дозволи некоја си средна марка на автомобил..Дали би влегувал во улога на партиски „потрчко“  и слепо би застапувал интереси на некоја политичка партија по масовни митинзи? Дали воопшто народот би бил опседнат со партии? Едноставно, ако барем дел од општиот хаос се среди, народот би престанал да се дели според политичка припадност, небаре делејќи се на човечки раси, или на „свои“ и „нивни“. Последователно на тоа, ќе се зајакне и националното чувство на припадност, бидејќи Македонија не се сака со двесте евра во џебот.
  • Македонија да функционира како швајцарски часовник. Да биде во текот со времето и да не тапка во место. Верувам во Македонија во која народот ја има најголемата моќ. . Верувам во Македонија со светла иднина.

Во Македонија која нема да биде за некој мајка, а за друг маќеа.