bandr
Култура Магазин

(ИНТЕРВЈУ) МАРИЈА СПАСОВА Е ПРВЕНЕЦ НА ГЕНЕРАЦИЈА 2014-2018 ВО СОУ „ДИМИТАР ВЛАХОВ“ – СТРУМИЦА

Наставничкиот совет при СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица едногласно ја прогласи нивната ученичка Марија Спасова за првенец на овогодинешната генерација матуранти, 2014-2018 година.

Ваквата одлука беше сосем очекувана и нималку не ја изненади јавноста, ако се зеде во предвид дека уште од самиот почеток на учебната година до името на Спасова се редеа лавина пофалби и позитивни коментари. Колку за кратко потсетување, во март 2017 година Марија Спасова го издаде својот прв роман – „Магијата на Атафу“ чиј тираж беше распродаден за рекодни недела дена. Промоцијата на романот направи вистински медиумски „бум“ во југоисточниот регион, а за електронската верзија на истото дело таа ја доби и престижната награда од Фондација Македоника и УНЕСКО.

Спасова под менторство на многумина професори се појави на голем број регионални, државни и меѓународни натпревари на кои се закити со прво место. Интересен факт е тоа што натпреварите не секогаш беа од една иста област или категорија – ораторство и јавен говор, рецитирање поезија, филмска режија, агротехника, латински и македонски јазик, екологија, човекови права и слободи, организација на политичкиот систем во Република Македонија…

За своето гледиште околу позицијата на нашата држава во наредните 25 години, таа беше на средба со амбасадорот Џес Бејли и неговата сопруга, на која, доби свечено признание за истакнатиот придонес.

Спасова на струмичани им е позната и како водител на сите јавни, историски настани во градот, особено по одбележувањето на државните празници. Се појави како водител на голем број свечени манифестации организирани од општината и од самото училиште, а во голем дел од нив беше вклучена и во улога на организатор. Познато е дека им има помогнато на голем број свои врсници кои сакаат да се пробијат во полето на литературната и ликовната уметност, појавувајќи се на нивните промоции и изложби во улога на промотор.Бидејќи е ученик во клас IV8, познат како клас на медицинските сестри во „Димитар Влахов“ ,  немојте да се изненадите ако ја видите во струмичката болница како подготвува терапија и посветено се грижи за тамошните пациенти. Во прилог на ова оди мислењето на многумина, меѓудругото, и на нејзини професори-лекари дека таа еден ден ќе биде успешен лекар. Како ученик во здравствена струка, таа имплементираше и успешно спроведе внатрешен проект за врсничка едукација, држејќи предавања во сите училишни класови поврзани со методите и средствата за контрацепција. Целта на овие предавања беше намалување на бројот на несаканите бремености и абортуси кај малолетната популација, а во состав на предавањата таа поттикнуваше дискусија со соучениците, поттикнувајќи размена на мислења и прашања. Крајната цел беше донесување корисни заклучоци кај слушачите и успехот беше огромен и неизоставен.

Ние сметаме дека беа доволни телевизиските гостувања и пишаните објави за нејзе како „чудо од дете“. Редно е да ја запознаеме Марија во едно поинакво и не толку формално издание. За тоа ќе ни послужи краткото интервју во продолжение.

Тимот на Струмица Денес:  Марија, што е тоа што секогаш може да ти донесе насмевка на лицето, без разлика кое време од денот е?

Марија: Насмевката секогаш несвесно формирам кога држам бебенца на гинекологија, кога ќе ми пристигне порака од некој близок доцна навечер пред спиење, кога ќе успеам да го најдам продолжението од омилената книга во некоја од книжарниците, кога нечиј гест е великодушен и хуман и кога јас сум придонела и некој друг да се смее.

Струмица Денес: Сведоци сме дека си повеќе од успешна во многу области, но сепак, како правец за студирање  ќе ја одбереш медицината. Зошто ваков избор, освен тоа што веќе знаеме дека оваа професија е доста просперитетна и платена во западноевропските земји?

Марија: Ниедна сума на пари не е доволна за да те натера да си го напушташ семејството во три часот после полноќ и да ти скрати присуство на значајни мигови со најблиските. Затоа, за да бидеш лекар, барем според мене, потребно е да ја сакаш медицината и да си подготвен за неа да направиш големи жртви. Можеби врз моите размислувања влијание има и мојата уметничка природа, но јас дефинитивно медицината не ја сведувам на едноставен преглед, препис на терапија и шиење на рани. За мене таа е нешто многу поголемо, многу поблагородно и похумано. Медицината ме учи како да ги сакам и сфаќам луѓето со сите нивни недостатоци и проблеми, како да им ги ублажам болките и страдањата..како да воспоставам правилен однос со нив и несебично да го дадам максимумот во корист на подобрување на нивната моментална состојба. Одејќи на пракса во болница гледаш се’ и сешто, па добиваш животно искуство. Стекнуваш дисциплина и преземаш одговорност, учиш повеќе да го цениш животот и времето што ти е дадено, оти некој го нема. Сфаќаш дека понекогаш и 5 минути значат многу, па почнуваш да го користиш секој миг од денот за нешто што навистина ти е важно. Можам да кажам дека повеќе созреав низ болничките ходници одошто на било кое друго место и стојам зад мислењето дека медицината ме прави подобар човек, нешто што отсекогаш било мој главен животен стремеж.

Струмица Денес: Која е работата на која си најмногу горда во животот?

Марија: Тоа што успевам да не ги прифатам денешните извртени вредности како нормални. За мене и понатаму најважно е да си човек, после тоа доаѓа твојата титула, угледот и финансиската моќ.

Струмица Денес: На која твоја способност постојано се потпираш?

Марија:Можноста прилично солидно и длабоко да ги проценувам луѓето, што знам, можеби тој инстинкт што го поседуваат психолозите повремено го позајмуваат и писателите, за да можат да ја разберат човековата психа и да создадат ликови во своите дела преку кои успешно ќе ја прикажат.

Струмица Денес: Кој дел од твојот карактер ти се допаѓа најмногу, а кој најмалку?

Марија: Кај себе ја сакам флексибилноста и дисциплираноста како позитивни карактеристики..Како негативни карактеристики дефинитивно би го издвоила перфекционизмот – тоа е нешто поради кое губам најмногу време и често останувам ненаспиена. Сакам секој детал да биде совршен, па ако веќе започнувам со некоја работа, мора да биде совршено средена и проучена од почеток па се’ до самиот крај. Енергичниот темперамент и амбициозноста не знам во кој дел да ги сместам, тие се меч со две острици за мене.Струмица Денес: Кажи една работа која малкумина ја знаат за тебе.

Марија: Имам синестезија. Тоа е редок феномен, појава на неприродно вкрстување на сетилата и мозочните центри која вештачки може да биде предизвикана кај луѓето кои користат халуционогени дроги, но кај мал процент луѓе во светот е вродена. Во тој мал процент спаѓам и јас. Постојат различни видови на синтестезија. Така на пример, човек што има синтестезија може да слуша бои, да ја гледа музиката, да го чувствува вкусот на зборовите. Не знаев дека имам синтестезија се’ до прва година средно, дотогаш бев убедена дека сите ги гледаат имињата во боја. Мојот облик е не многу сложен. На пример, името Марија е во црвена боја. Софија е бела, Миле е бледо розов. Секое име има посебна нијанса на обоена визуелизација во мојот ум.

Струмица Денес: Ние не сме многу упатени во тие медицински феномени, но дали синестезијата внесува одредени промени во твоите секојдневија?

Марија:  Немам никакви потешкотии, барем  не во мојот случај. Знаете, проблемот со нас синестетичарите е тоа што имаме способност да примаме и помниме премногу информации за кратко време, и оваа способност како што минува времето станува се’ поголема. Тоа не’ прави вечно „гладни“ и љубопитни за нови знаења, искуства, познанства.. Располагаме со вишок  сетилни сензации и афекти т.е. чувства, емоции и расположенија и детално ги истражуваме. Но, ако мериме на вагата на предности и недостатоци од тоа да се поседува синестезија, дефинитивно предностите победуваат. Синестетичарите обично се високо интелигентни луѓе и речиси сите од нив се и уметници – имаме изострена и богата визуелизација и тоа допридонесува да се создаваат безвременски ремек дела на лист хартија, музичка трака или платно.  Меѓу повеќето познати личности кои имале синестезија се и Винсент Ван Гог, Мерлин Монро и Фарел Вилијамс. Благодарение на синестезијата, мојот живот е многу поживописен и колоритен и веќе не можам да се замислам себеси како не формирам боја додека некој ми го кажува своето име.Струмица Денес: Кој е твојот најголем животен страв?

Марија: Ме плаши помислата дека нема да бидам во можност да донесам големи општествени промени и барем на некој начин да го придвижам нашево општество во еден подобар, конструктивен правец. Инаку, во секојдневието, имам голема фобија од кучиња и тоа ми предизвикува големи потешкотии. Ако сте виделе девојка што панично реагира низ струмичките улици, знајте дека голема е веројатноста тоа да сум јас.

Струмица Денес: За која работа си најмногу благодарна во животот?

Марија: За тоа што имам толку прекрасно семејство и пријатели, кои се неисцрплив извор на поддршка.Струмица Денес: Кој ти е најубавиот спомен од детството?

Марија: Кога јас бев помала, социјалните мрежи се’ уште го немаа доживеано својот подем, па можам да кажам дека ние бевме последната генерација која искуси вистинско детство. Од утро до мрак игравме по улиците и од дома одвај не’ прибираа за вечера. Во убаво сеќавање ми е моментот кога баба ми ќе не’ повикаше , ќе не’ натераше убаво да се измиеме и потоа да седнеме на семејната маса. Пред нас ќе ставеше чаша топло млеко и чоколадни колачиња. Беа премногу вкусни, а со последните залаци веќе бевме на пат да заспиеме од умор…

Струмица Денес: Дали некогаш си била обесправена?

Марија: Секој човек некогаш е бил обесправен. Но важно е тоа да не не’ обесхрабрува и демотивира, туку да се водиме по фактот дека кога-тогаш, вредното и вистинското избива на површина.

Струмица Денес: Која е причината поради која имаш толку широк спектар на интереси?

Марија: Јас сум личност која е претерано љубопитен истражувач и верувам дека секој треба да има барем некакви, општи познавања од секое поле на интерес. Не сакам да бидам само лекар. Сакам да бидам и писател, и оратор, и член на здружение за еколошко дејстување, и професор, и музички изведувач, и аналитирач, и ботаничар , и психолог, и новинар..А за да можеш да бидеш еден ваков симпатичен збир од се’ по нешто од набројаното, мора да имаш широки познавања кои ќе ги вкрстуваш и логички поврзуваш во твоја корист. Верувајте, на тој начин се отвараат многу повисоки хоризонти и гледишта од кои многу зависи каква положба ќе заземеме прво во нашиот живот, а потоа и во општеството.Струмица Денес: На натпреварот по јавно говорење на МАССУМ 2018 ти им се обрати на присутните со говор за недостатоците на образовните системи ширум светот. Според тебе, како првенец на генерација и личност која само што излегла од училишните клупи, со какви проблеми се соочува македонскиот образовен систем?

Марија: Проблемите не се малку, но не се и нерешливи. Би започнала од недостатокот на учебници за средно образование, недоволната пракса и големиот фонд на часови. Општопознат е фактот дека во средното образование се изучуваат предмети кои апсолутно не се поврзани со одбраната струка. За изучувањето на овие предмети учениците вложуваат непотребен труд и немаат доволно време да се посветат на стручните предмети, оние кои навистина ќе им бидат потребни кога еден ден ќе треба да ги извршуваат работните обврски од одбраната професија. Кога станува збор за високото образование пак, по малку ме разочарува фактот што во денешно време речиси секој може да заврши факултет. Располагаме со плејада академци кои не прават разлика меѓу „сваќам“ и „сфаќам“. Според мене, најдобро би било државната матура да биде заменета со приемни испити, зошто на тој начин ќе се подготвуваме за предмети кои се поврзани со избраниот факултет, но и уште поважно, не секој ќе може да се запише на факултет. И, се разбира, посебни критериуми за исполнување кога станува збор за вработувањето на просветниот кадар. Учителите и професорите се задолжените за создавањето на „паметна“ нација со која нема да може така лесно да се управува. Ако имаме несоодветен просветен кадар, образовниот процес ни е уништен од корен.

Струмица Денес: Што ќе им порачаш на другите ученици кои моментално учат и допрва ќе учат во „Димитар Влахов“?

Марија: Воопшто да не се сомневаат дека го имаат направено вистинскиот избор. Нашето училиште дефинитивно ги нуди сите шанси за докажување, напредок и усовршување. Во прв план е современата и квалитетна настава и практична работа, понудата на струки кои се бараат насекаде низ светот и разноликоста од образовни профили, еко-ориентираноста, стручноста и високото знаење на професорите, љубезниот однос на останатиот вработен персонал, како и владеењето на пријателството, вистинското знаење и хуманиот однос.