Perdormire
Култура

(ВИДЕА) СТУДЕНТКАТА ПО МЕДИЦИНА СПАСОВА МАРИЈА СПОДЕЛУВА ВИДЕА СО ЕДУКАТИВНА СОДРЖИНА КОИ ИМ ПОМАГААТ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ЗДРАВСТВЕНАТА СТРУКА!

Струмичанката Марија Спасова пронајде интересен начин за едукација додека учениците се дома и наиде на голем број одобрувања и пофалби.

21 годишната студентка по медицина на својот инстаграм профил споделува видеа со едукативна содржина, првенствено наменети за учениците од здравствена струка, но и за секој љубопитен за познавања од областа на медицината. Видеата се кратки, но раскажувањето е јасно и прецизно, акцент се става на најважните работи кои треба да бидат научени, а начинот на изразување е прилагоден за да биде разбирлив за сите возрасти. Во дел од видеата има и практично покажување за дадени медицински манипулации.

„До идејата дојдов кога заедно со најблиското друштво (повеќето медицинари) разговаравме колку ќе биде тешко пренесувањето на практични знаења на идните медицински сестри, фармацевти и физиотерапевти во услови на пандемија. Ми требаше време да ги одберам темите кои најмногу би разбудиле интерес и кои, се разбира, се сврзани со најважните работни задачи на идниот здравствен персонал – на пример, ставањето инјекција, мерењето притисок, дишењето и следењето на емоционалните реакции на пациентите.“ – вели Марија во изјава за нашата редакција.

„Некои видеа се подолги, некои пократки. Понекогаш е невозможно да опфатите се’ во 5 минути, но генерално гледано, се трудам да го спомнам најважното и на крајот кажувам во кој учебник може да се најде целосната информација, ако некого го интересира.“

За прв пат кај нас се публикувани ваков тип на видеа на социјалните платформи. Уште со објавувањето на првото видео се привлече големо внимание. Досега, над 400 корисници на Инстаграм го имаат зачувано, а иницијативата беше поздравена и од голем број здруженија за образование и култура во државата. Од нив била понудена секаков вид на поддршка при реализацијата.

„Да, бев исконтактирана, во неколку наврати ми беше понудена и соработка. Не сакам целата иницијатива да се комерцијализира, зошто ова го започнав со искрена желба да биде од помош на идните колеги и колешки, време е кога треба меѓусебно да си помагаме. Јас не очекувам ништо за возврат – за мене е доволно тоа што тие одделуваат време да ги гледаат видеата и тоа што заедно се надополнуваме. Се разбира, ако ми затреба помош, би се обратила до споменатите организации, повеќето од нив се младински и невладини и убаво е да се знае дека се подготвени да излезат во пресрет.“ – открива таа.

Со еден клик ОВДЕ погледнете ги останатите видеа на Спасова Марија!

Освен од струмичани и скопјани, прегледи пристигнуваат и од останатите македонски градови кои располагаат со средни медицински училишта – Штип, Битола, Велес, Гостивар, Куманово, Струга и Тетово.

„Се разбира дека учениците од СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица ми се најблиски, јас завршив таму, така што, со голем дел од нив и лично се познавам. Со нив се консултирав кои теми треба да бидат обработени и од нив ја добив првичната, најголема поддршка. Но, ќе бидам уште порадосна ако во ова се вклучат и учениците од останатите средни медицински училишта низ државата, зошто сметам дека би било од корист за сите.“

Во 2018 година, Марија Спасова заврши како првенец на генерација во СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица. Таа во моментот е на студии по општа медицина во Софија, соседна Бугарија.