(СПОДЕЛУВАЈТЕ) ВИДЕО: Струмичанец сам и болен преживува во планина, волците му доаѓаат секоја вечер

А1ОН:

На падините на планината Беласица, далеку од цивилизацијата, сам и без каков било контакт со луѓе, преживува 62-годишниот Киро Пасков. Со сериозни здравствени проблеми, веќе подолг период носи катетар поради дисфункционалност на простатата и е оставен сам да се справува со предизвиците. Болен и изнемоштен, само распадната врата засега го спасува од волците кои секоја вечер го посетуваат во обид да влезат.

Околностите во кои тој живее наликуваат на оние од 18 век. Без струја, вода и храна. Пасков може да стане лесен плен на дивите ѕверови. Глутницата волци, вели тој, доаѓаат во вечерните часови кога слободно се движат во незаштитениот двор, кој со време станал дувло на планинските животни. Сонот на овој изнемоштен човек трае доста кратко, волчјото завивање и студот што влегува низ многубројните дупки на куќата го одржуваат Киро буден до раните утрински часови.

Пасков е неспособен за работа и со оглед на тоа, не е во можност да си обезбеди подобри услови за живот. Оставен на милост и немилост, заборавен од општеството, гладува со денови, a малата планинска река, како вистински човек од дивината, ја користи за пиење и одржување лична хигиена.

-Луѓето многу ретко помагаат, порано работев, сега не работам, не можам да работам, не земам ниту социјална помош. Во зимскиот период се греам на дрва колку што имам, ладно е, спијам завиен. Седам сам, немам семејство. Струја исто така немам одамна, повеќе од 5 години. Јадам грав, и леб што ќе ми дадат на вересија, така живеам. Облека имам од луѓето што ќе ми дадат понекогаш. Потребна ми е храна, шпорет, кревет и, секако, струја. Навечер доаѓаат волци, лисици, змии, влегуваат внатре во куќата, некако се обидувам со прачка да ги избркам од тука.

Ванчо Марков, жител на селото Дражево, најблиското населено место до домот на Пасков, одвреме-навреме го посетува и му помага на овој социјално загрозен човек, кој едвај преживува.

-Киро го познавам 40 години, во ваква состојба е од кога се починати неговите родители, пред 20 години, болен е, струјата му ја исклучија и тоа е навистина жално, носи и катетар. Нема пари за да се прехрани, проси од луѓето. Колку што можам му помагам, но не можам да му ги покријам сите трошоци. Куќата е готова да се урне, тука е страшно, овде не би можела ниту стока да живее, а не, пак, човек. Потребен му е шпорет, кревет, постелнини, надлежните институции треба да му помогнат со социјална помош до 5 илјади денари за да може да преживее. Кај него тука има волци и лисици, страшно е преку ден да се дојде, не знам како седи навечер овде сам, вели Марков.

Киро Пасков е на самиот раб на егзистенција, итно му се потребни финансиска и медицинска помош. Условите во кои живее придонесуваат за влошување на неговата здравствена состојба. Државните институции и социјалните служби сè уште немаат слух за лицата како Киро, кои, за жал, ги има во голем број во Република Македонија.

ИЗВОР: А1ОН

маркетинг


Select
Ознаки: ,