Шкупи ја декласира Академија Пандев!

Најзасилената екипа во зимскиот преоден рок, Шкупи веднаш почна да ги оправдува сите големи очекувања и со убедливи 5-2 (3-1) го победи најпријатното изненадување во есенскиот дел на ПМФЛ, струмичка Академија Пандев. И покрај тоа што беа домаќини на „Борис Трајковски“ во Маџари, „гулабите“ доминираа по тешкиот терен, а Баже Илијоски имаше деби од сништата.

Натпреварот не можеше подобро да започне за домаќините, откако по дегажманот на Зендели во 7. минута, Баже Илијоски ја прими топката на средината од теренот, мина неколку ривали и ја пласираше топката крај немоќниот Вујанац (1-0).

Само десет минути подоцна одбраната на гостите од Струмица целосно затаи, а тоа го искористи најдобриот стрелец во македонскиот фудбал и ја втурна топката во небранетата мрежа за двојно водство за екипата од Чаир.

Победникот беше решен во 22. минута, кога Илијоски побегна по десната страна и излезе очи в очи со Вујанац, кој го одбрани првиот негов обид, а потоа ништо не можеше да стори во вториот и по третпат ја вадеше топката од сопствената мрежа (3-0).

Првата реакција по половина час бледа игра, момците на Стојанов покажаа во 31. минута, кога по слободниот удар од десната страна на Сашко Пандев, домашната одбрана не расчисти, а тоа го казни и Стоилов од неколку метри ја смести топката во мрежа на домашната екипа (3-1).

Гостите добија на самодоверба и пред одморот голема шанса имаше Балдовалиев, но неговиот удар Зендели го исфрли во корнер.

 По мирниот почеток на второто полувреме, во 55. минута судијата Јакимовски покажа на белата точка по прекршокот врз Стојкоски. Протестите на гостите им донесоа само два жолти картони, а ударот на Баже Илиојоски, Србинот Вујанац го одбрани и спречи напаѓачот да постигне и четврти гол.  Но, само три минути подоцна Шкупи ја врати разликата од три гола, откако Јашаровски изби од втор план и по една погрешна офсајд стапица на струмичани го матираше гостинскиот голман за 4-1.

Грифони и Чешмиџиев имаа две закани на гостите, дури и еднаш се затресе дирекот од домашниот гол. Италијанскиот интернационалец во 71. минута доби топката од десната страна од Јани Атанасов, биеше по земја, топката го погоди Мустафи и го измами Зендели (4-2). Тренерот на Шкупи, Ардијан Нухиу го повлече тројниот стрелец Илијоски во 75. минута, а на негово место во игра влезе Фати Исмаиљи. Потврда за победата стигна во 80. минута, кога младиот Стојкоски со прекрасна реализација пред голманот Вујанац ги постави финалните 5-2.

маркетинг


Select
Ознаки: ,