Пинокио во струмичкиот театар

Еве, веќе речиси сто и четириесет години по неговото создавање, ликот на Пинокио продолжува да биде интересен и возбудлив за најмладата публика – децата. Карло Колоди создал дело кое преставува комбинација помеѓу авторската сказна и авантуристичкиот роман. Пинокио, дрвената марионетка, е соочена со дилемата: Дали да се избере слободата преку влегувањето во авантура? Или да се биде како сите деца кои, внесени во секојдневниот процес на посетување училиште, воопшто не ја познаваат авантурата? И, најпосле, каде е овде вистинската слобода? Дали во авантурата која открива еден превртен свет на морални вредности? Или, пак, училишното секојдневие е вистинската слобода затоа што, пред се, носи знаење и спознание за доброто и злото? Овие прашања добиваат поинаква димензија ако се знае дека во основата на приказната на Колоди лежи ритуалот на иницијација, кој нужно подразбира напуштање на сопствениот дом, доживување на најразлични искушенија и опасности и, конечно, среќен крај преку освојување на сопствениот идентитет. Поставувањето на сцена на ова класично дело на литературата за деца е водено од идејата широко да се отвори светот на имагинацијата и детската игра, но, истовремено, дискретно да бидат нагласени наравоучението и поуката: секое дете, макар колку и да е слично со другите деца, е свет за себе, посебна индивидуа, и само како такво, преку лична акција може да дојде до својот идентитет.

На 17 декември во 12 часот во НУЦК ,,Антон Панов” ќе се одржи премиерата на претставата ,,ПИНОКИО”. Претставата е во режија на Драгана Таневска, драматургија Ацо Гогов,  сценографија Драгана Таневска, костимографија Ванчо Василев. Во претставата играат Ванчо Василев,  Анкица Бенинова, Ванчо Крстевски, Коста Ангов, Игор Тодоров, Јулија Милкова и Стојан Велков Трн

 

маркетинг


Select
Ознаки: ,