НОВА ТВ: Договорот за рудникот Иловица и натаму под превезот на тајноста

Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека нема ништо тајно во договорот за концесија и експлоатација на бакар и злато во рудникот во Иловица. Но, сепак тој одбива да го стави на увид на јавноста документот со Еуромакс Ресоурсес Лимитед, канадската компанија која што доби договор со претходната влада да вади злато во ова струмичко село.

„Не е ништо тајно во договорот. Ние ги услогласуваме сите мислења со надлежните институции, па затоа договорот кога ќе биде финален тогаш ќе го објавиме во јавноста. Но, сакам да потенцирам дека пред да се направи секој договор ние секако ќе го слушаме и гласот на граѓаните во сите општини. Не само во општината кај што е концесијата, туку гласот на граѓаниет во целина“, одговори денеска министерот Бектеши на прашањето на НОВА ТВ зошто договорот е таен.

НОВА ТВ се обиде договорот за концесија на рудникот Иловица да го добие од Министерството за економија согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но оттаму ни испратија допис со одговор дека „предметот е во постапка на усогласување при што доставувањето на содржината би предизвикало погрешно разбирање на содржината“.

Иловица, како и планот за ископ на руда од страна на Сардич МЦ, предизвикаа многу контроверзи уште кога минатата влада ги склучи договорите. Граѓанските еколошки иницијативи се спротиставија на најавите да се копа руда и да се користат тешки отрови како цијанид и солна киселина при обработката на рудните продукти и тоа во регионот којшто практично ја храни Македонија, а граѓаните живеат од земјоделие со тенденции да го зголемат органското производство и да инвестираат во рурален туризам.

Граѓаните на Дојран, Гевгелија и Богданци веќе се изјаснија на локални референдуми против рудници на нивната територија и уште еднаш ги демонстрира нивните заложби за живот и економски перспективи согласно традицијата на земјоделието и органската храна и чиста енергија.

Канадската компанија „Евромакс рисорсис” уште во 2014 соопшти дека резултатите од предфизбилити-студијата за рудникот за бакар и злато „Иловица” кај Струмица покажале дека проектот има економски потенцијал. Целата инвестиција ќе чини околу 500 милиони долари. Вкупните резерви руда се проценуваат на 225 милиони тони, со содржина од 69,5 тони злато и 411 илјади тони бакар, а животниот век на рудникот се предвидува да трае 23 години. Според планот изградбата требаше да почне во 2016 година, а веќе оваа година и експлоатацијата.

Оттогаш поминаа три години, а во меѓувреме се смени и Владата. Но, во однос на транспарентноста ништо не е сменето. Договорот за концесија и натаму е таен.

 

маркетинг


Select
Ознаки: , ,