МЕНТАЛНА ПАРАЛЕЛА КАЗАНДОЛ-ИЛОВИЦА

Не ја знаеме точната бројка на луѓето во Валандово што вечерта после неуспешниот референдум, се мразат самите себе. Имаа можност да го сопрат рудникот но не го направија тоа. Причина: страв или дисциплина кон сопствената партија или поради пари. И следните денови, многумина од нив не можеа да спијат. Тие го продадоа своето достоинство! И референдумот не успеа за 300- 400 гласа.

Тие луѓе, можеби, со текот на времето ќе си најдат оправдување па дури и ќе заборават на нивната беда. Но што ако некој од нивните најблиски заболи од канцер, не дај боже! Ќе преголтнуваат жолчки и ќе се прашуваат или ќе се убедуваат дека не е поради рудникот. Дека е поради нешто друго. Дека е Господова работа. Би било добро, некој во Валандово да направи статистика колкав е бројот на заболени сега, а колку ќе се зголеми за 7-8 години доколку проработи Казандол. И вишокот да се објави за да се знае. И тоа ќе оди на терет на нивните души.

Валандово е само уште една епизода на бескрајна македонска човечка катастрофа начичкана со живи рани кои тешко и бавно зараснуваат. Валандово денес почувствува една горчина, една несфатлива катарза која и останатите, оние кои беа на ниво, нема да ја заборават. Тие таа вечер, исто така, не спиеја.

Но ништо! Ќе го испратат покојникот и полека ќе се научат да живеат без него. Ако не најдат друга форма на борба, рудникот ќе почне скоро да им работи и за неколку години сите ќе го видат она на кое што многумина укажуваа но ќе биде доцна. Валандово ќе биде рударски град со сите реперкусии што ќе го следат. И никој нема да смее да каже дека не знаел. Нека си ги запишат имињата барем на оние кои ги доведоа до тоа дереџе. Можеби ќе почувствуваат потреба  да поразговараат со нив некој ден.

На 3ти септември е следниот рударски референдум. Во Босилово. Рецептот на случувања, можеби, ќе биде ист. Не можам да замислам дека е можно и резултатот да биде ист. Дали ќе станеме рударски крај! Можеби ќе не убедуваат дека треба да бидеме горди што го имаме најголемиот рудник во југоисточна Европа!

Неважно! До колку пропадне референдумот, едноставно, во струмичката котлина нема да биде повеќе ништо исто. Ќе го испратиме покојникот и ќе се научиме да живееме без него. Но ноќта спроти 4ти септември нема да спиеме. Многумина од нас и следните ноќи нема да можат да спијат. Ќе се вртат во креветот а во главата ќе им зујат многу прашања: Зошто го дозволивме тоа?! Кој е се виновен?! Меѓу какви луѓе живеам?! Нели здравјето беше нејважно?! Зошто испадна дека партиските авторитети се поважни од нашето здравје и здравјето на нашите деца?! Толку ли сме глупави и примитивни па дозволивме некој профитер да заработува на сметка на нашето здравје и здравјето на нашите деца?! Зошто некои луѓе се продадоа за пари?! Толку ли сме токмаци, бре!

На крај, ќе успееме да избегаме во сонот но нема да можеме да се скриеме. Ќе дојдат денови кога многумина од нас ќе бидат потсетени на 3 септември 2017 година на најсуров начин. Преку болести и смрт! И тогаш ќе биде многу важно дали си чист пред самиот себе и пред своите деца. Дали си гласал против тоа зло или си дозволил да се надвие над нашите глави.

Навистина, не можам ниту да замислам дека до тоа може да дојде. Господ нека ни е на помош!

Колумна на Митко Бојаџиски

маркетинг


Select
Ознаки: , , , ,