Ќе се градат прифатилишта за кучиња во Струмица!

Најважен приоритет за Советот на градоначалници од десетте општини на Југоисточниот плански регион е решавањето на проблемот со кучињата-скитници. Одлуката што ја донесоа пред повеќе од еден месец веќе е пренесена во апликација до Бирото за регионален развој за Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година. Преку Центарот за развој на овој регион планираат да изградат две прифатилишта – во Струмица и во Гевгелија.

– Со двете прифатилишта се планира да бидат опфатени сите општини од регионот. Едното прифатилиште ќе биде во Струмица и ќе ги опфаќа општините Василево, Босилово, Ново Село, како и Радовиш и Конче, а другото во општина Гевгелија ќе ги опфаќа Валандово, Дојран и Богданци – вели Жулиета Ѓуркова директорка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

За реализација на оваа идеја Советот на градоначалници планира да формира регионално јавно претпријатие, а средствата во висина од околу девет милиони денари ќе се обезбедат од Бирото за регионален развој, но и од самите општини.

– Најпрвин планираме да направиме меѓуопштински договор и сме со идеа да формираме регионално јавно претпријатие. Во него би се вработиле обучени луѓе за заловување на кучињата, а ќе склучиме и договор со ветеринарни станици, кои,пак, би се грижеле за лекувањето на болните кучиња – информира Ѓуркова.

Досега општините од овој дел на државата, во согласност со законот за хуман третман на животните, склучуваа договори со специјализирани фирми за заловување и третман на кучињата, кои по третирањето чипирани повторно ги враќаат на улиците во градовите.

Пред десет години во Струмица беше отворено прифатилиште за кучиња-скитници, но по неколку месеци престана да работи.

маркетинг


Select
Ознаки: ,