Јубилејниот концерт на струмичанецот Зоран Џорлев – мелем за душа!

 

Маестро Зоран Џорлев завчеравечер, на Светскиот ден на виолината, во МОБ со голем јубилеен концерт одбележа четири децении плодна и успешна кариера.

Концертот за паметење почна со сеќавања на Струмица, родниот град на семејството Џорлеви, од каде почнува музичката приказна на Зоран Џорлев. Симфонскиот оркестар кој изведе обработки на познати македонски фолк теми, меѓу кои и „Во Струмица на улица“ на Наско Џорлев, звучеше маестрално, под диригентската палка на Ле Фи Фи, кој со голема радост и мотивирано раководеше со оркестарот, а на крајот и со распената публика.

И се редеа песни-спомени, песни -ѕведи водилки и песни полни со почит и пиетот за некои луѓе што му го одбележаа животот и професионалното издигнување на маестрото, а веќе ги нема. А виолината пееше, плачеше, подвриснуваше од радост, трепереше, го галеше срцето и ширеше блаженство преку своите уникатни тонови.

-Веројатно сите чувствувате преку моето свирење колку сум среќен вечерва. Конечно по толку многу години направив нешто за себе. Јас сум со музиката 40 лета и години наназад посакував нешто вакво. Сакам да упатам благодарност до моите колеги од оркестарот на МОБ, каде работев 15 години, во кој има мои бивши ученици и студенти – им се обрати на почетокот Зоран Џорлев на присутните.

Потоа во придружба на оркестарот тој ги изведе нашите народни бисери „Јовано Јованке“, „Море сокол пие“, „Со маки сум со родила“, а „Калеш бре Анѓо“, ја отсвири заедно со колегите Ќазим Асотиќ на фагот, и Ѓоко Алоски на труба.

Гостин на концертот беше и младиот композитор Петар Јованов од Австралија, кој специјално за Џорлев ја напиша нумерата „Корен“, во чија изведба на перкусии му помогна Ратко Даутовски. Младиот автор го почести и со интерпретација на евергирнот „My way“ на Френк Синатра.

Големиот пријател и соработник на славеникот, Бедрија Синановски Беџо ги поздрави сите преку видео порака, а Зоки со многу емоции ја отсвири неговата „Носталгија“. Потоа Калиопи, школска другарка на Зоки и на Беџо во придружна на Симфонскиот оркестар ја испеа антологиската „Месечина“, која ја разубави виолината на Џорлев, што предизвика бура од емоции во публиката.

Следеше букет од македонски евергрини – „Еден банеж“, „Многу солзи“, „Многу дни пребродивме ние“ и „Го лажам секој нов рефрен“, со посвета на Тоше Проески.

Гостинот од Словенија, талентираниот гитарист Ненад Путник остави убав впечаток со својата изведба на „Свилен конец“, а за ритамот се погрижи младиот тапанар Дарко Зафиров.

Сестрата Софче со својот силен продрен глас ја отпеа руската романса „Очи чорнија“ и оригнална како и секогаш порача дека секогаш ќе му биде лојална на својот брат, кого го брани откога знае за себе.

Во повеќе наврати го слушнавме и нејзиниот син Огнен Здравковски, кој студира соло пеење и како што рече се гордее со својот вујко. А Зоки заедно со внуката Оле, која заради него посакала да свири на виолина ја изведе темата на комозиторот Џон Вилијамс од филмот „Шиндлеровата листа“.

И потоа повторно Џорлев на бравурозен начин си поигра со жиците на виолината, во придружба на Дамир Имери на клавијатури, негов голем пријател кој како што рече многу му помогнал во реализацијата на коцнертот.

Најемотивен миг беше настапот со синовите Наско на гитара и Мартин на хармоника, кој измами и солзи во очите на Зоки, кога со гласот на Дејан Лилиќ ја слушнавме песната што Мартин ја напишал за својот татко. Таа заврши со зборовите „И да знаеш дека секогаш, додека часовникот чука ние за тебе ќе бидеме тука“, а Џорлев видно возбден изусти: „Јас сум најбогатиот човек на светот“.

На сцената, свирејќи на тапани се качи и братот на Зоки, Ристо, со кого тој долги години настапувал во семејниот оркестар на Нако Џорлев. И секако еден ваков настан не може да заврши без песната што е химна на фамилијата „Не кажувај либе добра ноќ“, која ја испејаа сите членови на семејството, во придружба на Симфонискиот оркестар. А како и што започна коцнертот, заврши со антологиската „Во Струмица на улица“.

Публиката долго и бурно ракоплескаше простум, поздравувајќи го маестрото и неговите гости, а звукот на виолината, како што рекоа, таа вечер за сите нив бил вистински мелем за душа.

На суптилен начин концертот го водеше Каролина Петковска, а го снимаа камерите на МРТ и тој одложно ќе се емитува на Македонската телевизија.

маркетинг


Select
Ознаки: , ,