Генералка на градот Струмица пред новогодишните празници!

Од денес до 24 декември во Струмица ќе почне еко акција пред новогодишните празници, која се спроведува во соработка на локалната власт и Јавното комунално претпријатие “Комуналец”.

Градоначалникот Коста Јаневски вели дека покрај редовната работа на комуналните служби, четири пати во годината ќе реализираат и вакви еко акции.

– Целта ни е машински и рачно да ја исчистиме секоја јавна површина во градот, секое маало, улица, тротоар, да ја отстраниме секоја дива депонија. Со оваа акција овозможуваме и граѓаните да си ги исчистат домовите и дворовите од непотребниот отпад – рече Јаневски.

Во еко акцијата ќе бидат вклучени повеќе институции, градежни фирми и граѓани, а комуналните служби ќе работат на три реони и на чистење на локалните депонии.

– Во секој од трите реони два дена во неделата ќе се врши генерално рачно и машинско чистење на улиците. На 6 и на 10 декември од 7 до 16 часот ќе бидат опфатени населбите Чифлик и Карпош, како и чистење на дивата депонија на патот Струмица – населено место Баница. На 13 и 17 декември од 7 до 16 часот ќе се врши генерално чистење на Реон 1 или каде што отпадот се собира понеделник и четврток – рече директорот на ЈПКД “Комуналец”, Зоран Горгиев.

Покрај чистење на реоните ќе биде извршено и чистење на дивите депонии како што се на улица “Климент Охридски”, на излезот од Струмица кон комплексот Македонска куќа, на патниот правец Струмица – Градско Балдовци и дивата депонија на улица “Антон Панов”.

маркетинг


Select
Ознаки: , , , ,