bandr
Василево

Домот на културата во Нова Мала ќе се адаптира во спортска сала

Општина Василево поднесе апликација до Министерството за локална самоуправа, Биро за регионален развој, за средства од Програмата за рамномерен регионален развој заради реконструкција на Домот на културата во Нова Маала и негова адаптација во спортска сала.  Одлука за ова донесе Советот на општина Василево на неговата последна седница. Првата фаза од реконструкцијата на овој објект во која беа завршени градежните активности и промената на кровот е завршена минатата година. Во текот на оваа година реконструкцијата ќе биде комплетно завршена. Овој проект е  планиран со Програмите на општина Василево за 2018 година.

Со неговата комплетна реализација основното училиште „Атанас Нивичански“ ќе добие модерна спортска сала изградена во согласност со новите прописи и стандарди овозможувајќи им на  учениците од основното образование оптимални услови за одржување на наставата по спорт и физичка култура.

„Целта на овој проект е подобрување на условите за работа во основното училиште,  овозможување на нормално одржување на наставата по спорт а истовремено и стварање услови за организирање и одржување на спортски настани и манифестации од помасовен карактер како одговор на потребите и на останатите категории на граѓани од овој крај“, изјави градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев.

Домот на културата во Нова Маала е веднаш до ООУ„Атанас Нивичански“ во кое  освен учениците од Нова Маала, настава посетуваат и учениците од соседните населени места Доброшинци, Чанаклија и Висока Маала.

Потребниот  Буџет за целосно завршување на сите планирани активности изнесува околу 2 900 000 денари.