ПРЕПОРАЧУВАМЕ ФИЛМ: Demolition – доказ за продуктивна деструктивност

Demolition-2015-3

Demolition e драма во режија на Жан-Марк Вале, попознат како режисерот на Dallas Buyers Club, филмот за кој Метју Меконахи доби Оскар за најдобра машка улога. Вале ја режираше и биографската драма Wild. Така, два потврдени квалитетни проекта укажуваат на уште еден, каков што на крајот испадна Demolition.

Demolition ја следи приказната на успешниот банкар Дејвис (Jake Gyllenhaal) којшто работи во фирмата на својот дедо (татко на неговата сопруга), има преубава куќа и жена што ја сака – што би се рекло совршен живот. Но, сѐ се менува од корен во само еден миг.

Се работи за чуден филм во којшто многу нешта се нетипични, почнувајќи од самите ликови, нивните дела како и начинот на којшто е раскажана оваа приказна. На почетокот ќе ви треба малку време за да се навикнете на прикажувањето на работите, воведните делови предизвикуваат некој лесен отпор кај гледачот, но отпосле се „навлекувате“ и уживате.

Jake Gyllenhaal е како создаден за толкување „чудаци“ почнувајќи од Donnie Darko сѐ повеќе нѐ уверува во неговите актерски вештини. Ликот на Дејвис има совршен живот, но тој нагло се менува, пресечен како со сабја. Неговите реакции се менуваат, од шок, отуѓеност, до недостаток на емоции, а со тоа станува идеална мета за нови сензации.

2

„За да ги разбереш работите целосно, мора да научиш како функционираат“ е мотото кое Дејвис деструктивно го применува за да ја расплете својата приказна.

Ова е приказна за губитокот, болката, животот и соочувањето со нив на најчудниот можен начин. Demolition гарантира одлична филмска забава. Времето што ќе го поминете размислувајќи за овој филм пронаоѓајќи нови, ситни детали ќе ви потврдат дека сте гледале нешто посебно. Тоа зборува за квалитетот на овој филм, а со сигурност е потврда за вистински филмски избор.

За Струмица Денес пишува:

Ѓургица Костадиновска

маркетинг


Select