(ВИДЕО) СТРУМИЧАНЕЦОТ ЈАНИ АТАНАСОВ ПОВТОРНО ПОСТИГНА ГОЛ! МОЌНАТА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИГРА ЕЛИТНИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП!

Фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години за првпат во својата историја ќе игра елитни квалификации за пласман на Европско првенство, откако во вториот меч од првиот циклус ја совлада и Белгија (2-1) и со шест бода патува во наредната фаза.

Една од најталентираните генерации водена од Станојковиќ дојде до триумф повторно со пресврт, слично како и на мечот со Швајцарија. Младите покажаа карактер и ниту еднаш не се откажаа во мечот и го „преслушаа“ вториот фаворит на хартија во овој циклус. Последен противник е аутсајдерот Лихтенштајн, против кого се очекува со победа да се заврши овој циклус.

Белгијците тргнаа со брза игра по крилата, кои беа голема опасност кон голот на Македонија уште од самиот старт на мечот. Се создадоа неколку шанси кои не се искористија, а гостинот успеа да поведе во 10. минута, кога Фоулон постигна одличен погодок откосо и го надмудри Стевковски.

Македонија не се откажа, па почна да притиска кон голот на Белгијците. Шанси имаа Митровски и Ферукоски, но нивните обиди завршија безуспешно, за иницијативата конечно да вроди плод во 24. минута, кога погоди Ељиф Елмас, по одлична асистенција на Дарко Чурлинов.

До крајот на првиот дел Македонија успеа да постигне уште еден гол во мрежата на Белгија, преку Митровски, но сепак, истиот сомнително беше поништен поради офсајд позиција. Стартот на вториот дел нашите надежи го почнаа доста динамично и веднаш почнаа да креираат шанси.

Прекрасна двојна прилика имаше Дарко Чурлинов, во 47. и 51. минута, но неговите удари завршија над голот на Де Смет, иако беа од изгледна позиција. Потоа, во 63. минтуа шанса имаше и Елмас, но неговиот удар по земја беше премлак за вторпат да се тресе мрежата на Белгија.

Во последните дваесетина минути од мечот единствена селекција која вршеше притисок беше Белгија, но голманот Стевковски беше одличен меѓу стативите и забележа најмалку четири интервенции за сигурен гол.

Пред финишот Белгија остана и со играч помалку затоа што поради остар старт беше исклучен Верстрате, а Македонија сето тоа го искористи пред финишот, кога Чурлинов изнуди пенал, а го реализира Јани Атанасов, за конечни 2-1.

Македонија е единствената селекција во групата без пораз и со максимален учинок со две победи по две кола. Во последното коло за второто место од нашата група ќе се борат Швајцарија и Белгија, во директен дуел.

маркетинг


Select
Ознаки: , ,