РУДНИКОТ И СВЕТОТ

 

Ех, веќе поминаа две години откако рудникот во Иловица почна да работи. Воздухот е лош, има мирис и вкус и дишеме колку што мораме за да останеме живи, не повеќе. Само што прочитав на еден портал дека се што се конзумира претерано, е штетно. Истото се однесувало и за воздухот. Тоа тврдење беше поткрепено со мислења на експерти.

Еден тмурен и посебно тежок ден за дишење, во мојот двор најдов писмо. Таму со големи букви пишуваше: Проблемот со дишењето ќе го решите во Непал. Хм, тоа што го прочитав во неколкуте листа од писмото ми изгледаше убедливо. А и што може да се изгуби! Купив авионска карта, зедов шише домашна мастика и тегла ајвер за да ми се најдат и тргнав.

Таму почнав да ја изучувам древната техника на дишење во услови на отровна прашина. Едвај ги убедив да ми ја покажат. Тајна било!

Како ги убедив? Не беше лесно. Два дена го молев на колена врховниот свештеник на еден многу стар храм чија адреса беше наведена во писмото. Му објаснив на долго и широко дека ни направија рудник. Дека ни ископаа езеро четири пати поголемо од Турија и сега го полнат со цијанид, сулфурна, солна киселина и други отрови, дека изградија шеста по големина брана и дека не троват како муви ама џабе. Тој само ме гледаше како теле и трепкаше питомо со очите. На третиот ден му го поклонив шишето мастика и теглата ајвер со надеж дека ќе помогне. Рано в зори прати човек по мене. Кога влегов во храмот, го најдов свештеникот како плаче, мастиката до половина беше цицната а ајверо изеден. Ме прегрна и со растреперен глас ми кажа дека му е бескрајно жал што еден таков еликсир (Мислеше на мастиката.) што го подига и бодри духот речиси колку и неговите молитви и едно толку вкусно јадење од чушки се осудени да исчезнат од нашата котлина заедно со луѓето.

-Тоа не смее да се случи! Не смее никако да се дозволи! – рече со одлучен глас. – Луѓе кои знаат да направат толку убави специјалитети не смеат да доживеат таква свирепа судбина. Можат да го заборават рецептот! Сега, пријателе, ќе ти го покажам тоа за што си дојден. Ќе те научам како да дишеш правилно за отровите да не влегуваат во телото туку да останат на влезот на устата и носот. А ти ќе го научиш твојот народ. Ќе ти дадам и една течност да правиш гаргара двапати на ден за да ги плакнеш устата и носот од отровите.

Јас, воодушевен, почнав да го бакнувам и прегрнувам се до моментот кога го забележав неговиот збунет поглед кој што прашуваше дали сум геј па во моментот користам прилика.

Откако малку се смирив, на човекот му објаснив дека со вештината што ќе ми ја покаже ќе им помогнам не само на жителите на струмичката котлина но и на 60 % од луѓето во Македонија. Му го раскажав проблемот со зимата во Скопје, Тетово, Битола…

Еден месец ме учеше како да дишам. Не беше лесно ама кој сака да живее ќе научи.

Пред да си тргнам, со куферот в рака, му реков дека мојот народ ова никогаш нема да го заборави и дека ќе му подигнеме споменик во знак на благодарност ако треба и два-три, и да не се сомнева во моите зборови затоа што мојот народ е познат по правење на  споменици.

-Ќе те молам, нема потреба од споменик. – рече тој со тивок глас а мене веднаш ми се насолзија очите поради неговата скромност и благородие.

– Пред да ви кажам збогум, драг пријателе, да ве потсетам дека заборавивте да ми го дадете рецептот за течноста за гаргара.

-Рецептот нема да ви користи, пријателе! Состојките ги има само кај нас. Ние ќе ви го правиме а вие ќе си го купувате.

-Но пријателе… јас… знаете… мојот народ е сиромашен… – испелтечив некако.

-И гаргарата нема да е скапа. – Одговори тој. – А плус тоа, можеш да ми плаќаш во ракија и ајвер.

-А зошто да не ви го дадам рецептот…

-Затоа што ние сме планинска земја и немаме грозје и чушки.

-Но, јас, не знам дали, малку сум збунет…

– Пријателе, не биди глуп! – Ме прекина со изненадувачки строг и прагматичен глас. – Направи си фабрика за мастика и ајвер и ајде да почнеме  бизнис. Еве ја жиро сметката на мојата фирма. Јави се и веднаш ќе ти пратам еден танкер со гаргара. Што е?

– Ништо, само малку сум збунет…

– Како збунет! Зошто збунет! А што мислиш кој ти го прати писмото?

-Вие?!!!

– Пријателе, ние внимателно го следиме бизнисот со рудниците. Наши клиенти се сите во светот кои што имаат проблем со  воздухот. Довидување и среќен пат!

Тргнав кон излезот но полека, многу полека, за да не се струполам под тежината на новиот впечаток за светот.

 

Колумна на Митко Бојаџиски

маркетинг


Select