Осовременување на комплексната постојана поставка во Завод и музеј Струмица

Со поддршка на Министерството за култура, во тек се активности за осовременување на комплексната постојана поставка во Заводот за заштита на спомениците и музеј Струмица, во која се изложени неколку стотици предмети од археолошки, историски и етнолошки карактер кои ги отсликуваат културата, историјата и традицијата на овој регион.

Градежните работи опфаќаат: поставување 22 нови витрини, нова електрична инфраструктура, нов набљудувачки систем и нови сигурносни аларми. Во поставката, покрај постоечките, ќе бидат изложени и нови предмети кои беа откриени во текот на последната деценија при археолошките истражувања на голем број локалитети во овој регион, меѓу кои и на Цареви кули, Црвено поле, Римската терма во Банско, Струмичко, Орта џамија и многу други споменици на културата.

– Со осовременувањето на комплексната постојана поставка во Заводот и музеј Струмица ќе биде збогатена туристичката понуда во Струмица, а во овој град во наредиот период е предвидено и осовременување на Галеријата на икони „Св. 15 тивериополски маченици“, која е една од најбогатите и највредни во југоисточниот дел од државава, и реконципирање на постојаните поставки во Спомен-куќата на Благој Јанков-Мучето и во Староградската куќа (Турска пошта), соопшти Министерството за култура.

Проектот за осовременување на комплексната постојана поставка се реализира во рамки на активностите на Министерството за култура за воспоставување постојани поставки во националните музеи од сите области: археологија, историја, историја на уметноста, етнологија, современа уметност и природонаука.

– Преку овој повеќегодишен проект е предвидено нашите музејски институции да добијат најрепрезентативни постојани музејски поставки, атрактивно конципирани простори кои ќе имаат современи облици на презентација на музејските експонати и кои ќе овозможат интеракција со посетителите, наведува Министерството за култура.

маркетинг


Select
Ознаки: ,