Обновени фасадите на два објекта во Старата струмичка чаршија

Во рамките на Акцискиот план на Министерството за култура за обнова на фасади на објекти со стара градска архитектура, во oпштина Струмица завршија работите за обнова на фасадите на два објекта.

Од Министерството за култура соопштија дека станува збор за објекти изградени во почетокот на 20 век, со впечатлива староградска архитектура, лоцирани во Старата струмичка чаршија на улица „Маршал Тито“ бр. 40 и улица „Ванчо Прке“ бр. 2. За обновата на овие две фасади, од буџетот на Министерството за култура се издвоени еден милион денари.

Во изминатиот период надлежната установа Завод и музеј Струмица ја заврши обновата на фасадата на архивската зграда, за која беа издвоени 1 милион денари. Во Струмица беше обновен и објектот на Старата пошта, кој потекнува од 19 век и претставува заштитено културно наследство. Реставрацијата и конзервацијата на објектот опфаќаше обнова на ентериерот, на покривната конструкција и на фасадата на куќата.

Во рамките на проектот за обнова и конзервација на повеќе фасади во градовите низ Република Македонија, следната година ќе се изработaт проекти за обновување на фасадите на уште два објекта од Старата чаршија во Струмица, стои во соопштението од Министерството за култура.

Извор: Курир

маркетинг


Select
Ознаки: ,