Комплетирана документацијата за изградба на канализација и пречистителна станица во Едрениково

Градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев ја прими комплетната техничка документација за канализациска мрежа и пречистителна станица за отпадни води за населеното место Едрениково.

Техничката документација која му ја врачи директорката на Центарот за развој на југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова, е изработена во рамки на проектот „Управување со сливот на река Струмица“ имплементиран во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

– Со целосната имплементација на овој проект односно со изградбата на канализационата мрежа и прочистителната станица во населеното место Едрениково ќе биде решен проблемот со одведување на отпадните води од домаќинствата кои сега се испуштаат директно во отворените водотеци или се собираат во нестандардни септички јами и на тој начин се загадува почвата, рече градоначалникот Јанев.

Во наредниот период локалните власти ќе распишат тендер за избор на компанија – изведувач на активностите на терен. Според планираното, активностите на изградба на канализациската мрежа и прочистителната станица треба да почнат напролет.

Вкупната должина на канализациската мрежа која ќе го покрива целото населено место изнесува околу 2.830 метри.

Прочистителната станица ќе биде наменета за третман на отпадни води од домаќинствата кои по прочистувањето ќе се слеваат во реката Сушицa, а од таму преку река Водочница во реката Струмица.

маркетинг


Select
Ознаки: ,