И дијаспора дојдена на референдум против рудник во Ново Село

Референдумот во општина Ново Село на кој што граѓаните треба да кажат дали се согласуваат со работата на рудникот во Иловица во моментов тече задоволнително, а излезноста досега е далеку поохрабрувачка од онаа во Босилово, информираат активистите од иницијатива „Здрава Котлина“. На социјалните мрежи иницијаторите на референдумот се пофалија дека во Ново Село дошле и припадници на македонската дијаспора во Швајцарија.

Нашите апели кон жителите на Општина Ново Село кои работат во странство вродија со плод, па така на повеќе избирачки места го остваруваат своето гласачко право со желба за успех на Референдумот и за спас на Струмичката котлина од рудникот на смртта во Иловица.

Иницијаторите се загрижени за излезноста и се лути што избирачките списоци се непрочистени. Според нив Општина Ново Село има вкупно 11438 гласачи, меѓутоа околу 40% проценти од нив не се присутни бидејќи се на работа во странство. Токму затоа и се решиле да апелираат до дијаспората да помогнат во излезноста.

Проценката е дека моментално во општината се присутни околу 7000 гласачи, а за достигнувањето на референдумскиот цензус од 50%+1 гласачи потребно е да гласаат околу 5720. Изгледа тешко, но не и невозможно, велат тие.

Досега се одржаа серија референдуми низ Источна Македонија каде што се планирани десетици рудници на две компании – Сардич и Еуромакс. Речиси сите референдуми досегаа минаа со обвинувања за притисоци врз гласачите да не излегуваат на гласање . Ниту едно прашање не беше адресирано од институциите, а владата спротивно на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер одбива да го обелодени договорот за Еуромакс со образложение дека новинарите “погрешно ќе го толкувале“.

маркетинг


Select
Ознаки: , ,